Поради лошиот пат до Охрид, Македонците за викенд одат на шопинг во Солун или на бања во Србија

„Доколку овие посети се анализираат во конзервативно сценарио – при што секој македонски турист троши од 300 до 800 евра за годишен одмор, 100 до 300 евра за викенд или шопинг и 50 до 100 евра за дневни посети – ќе дојдеме до фрапантен податок дека македонските граѓани трошат меѓу 400 и 600 милиони евра надвор од државата“

од Nikola Popovski
68 прегледи Фото: Приватна архива

Зад нас е уште еден продолжен викенд, во кој македонските граѓани повторно беа дел од долги колони на граничните премини, користејќи ги слободните денови за да ги посетат соседните држави и атрактивните туристички дестинации. Ова е уште еден показател што јасно ја отсликува тенденцијата на македонските граѓани сè почесто да патуваат во регионот, што го потврдува и статистиката на соседните земји.

Македонските туристи се меѓу топ десет по број на посети и остварени ноќевања во Србија, особено во Белград, зимските центри и бањските комплекси. Во Република Грција најчесто се патува на крајбрежјето и во Солун, со повеќе од 1,2 милиони ноќевања годишно. Во Република Бугарија се посетуваат ски-центрите и главниот град Софија, иако со помал интензитет, делумно и поради заладените политички односи, но во последната година се забележува благо зголемување на посетите. Во Република Албанија сè повеќе се практикуваат дневни патувања и кратки аранжмани, особено во пограничните места за семејни ручеци и кратки престои, како и посети на Тирана и нејзиниот аеродром за евтини летови кон светски дестинации, дополнето со зголемен интерес за приморските туристички места.

Доколку овие посети се анализираат во конзервативно сценарио – при што секој македонски турист троши од 300 до 800 евра за годишен одмор, 100 до 300 евра за викенд или шопинг и 50 до 100 евра за дневни посети – ќе дојдеме до фрапантен податок дека македонските граѓани трошат меѓу 400 и 600 милиони евра надвор од државата. Во ова сценарио апсолутно доминира Грција, со посети и ноќевања во летниот период во Солун и Халкидики, со годишна потрошувачка од 200 до 300 милиони евра. Во Србија, пак, граѓаните најчесто патуваат на кратки релации – шопинг, бањски центри и Белград како викенд-дестинација – со потрошувачка од 50 до 100 милиони евра годишно. Во Бугарија најпосетени се Банско, Боровец и Пампорово како зимски центри, како и Благоевград и Софија, при што економијата инкасира 50 до 80 милиони евра. Албанија, со дестинации како Драч, Саранда и Тирана, остварува 30 до 60 милиони евра, додека Косово бележи 20 до 40 милиони евра од кратките, но чести патувања на македонските граѓани.

За Македонија, овие податоци значат одлив од 2 до 2,5 милиони ноќевања во регионот и силен економски сигнал што јасно укажува на неконкурентноста на нашата туристичка дестинација. Често се наведува дека не можеме да се натпреваруваме со морските дестинации, но се занемарува еден од клучните фактори – патната инфраструктура. Анализата на туристите што ја посетуваат земјата покажува дека повеќе од половина се од регионот и патуваат со автомобил или автобус. Дополнително, кружните патувања што ја вклучуваат Македонија често се реализираат со комбиниран превоз – пристигнување со авион и понатамошно патување со автобус. Тоа значи дека над 80% од туристите ја користат патната инфраструктура, која во моментов е недоволно развиена и истрошена.

Оваа состојба директно влијае врз туристичкото искуство. Патувањето до Охрид, како најголем туристички бисер, е долго, напорно и често небезбедно, трае повеќе од два и пол часа, што е сериозен недостаток ако се спореди со регионалните дестинации достапни во ист временски интервал, но со значително подобри патни услови. Како резултат, изборот на туристите сè почесто се гледа на граничните премини, додека домашните туристички центри остануваат со намалена посетеност надвор од шпицот на сезоната.

Дополнителен предизвик претставува и Паневропскиот коридор X, кој ja поврзува Србија, Македонија и Грција, а кој годишно го користат околу четири милиони патници. Иако постои потенцијал за развој на транзитен туризам, реалната состојба покажува неуредени одмаралишта, необележани и неасфалтирани паркинзи, отпадоци, недостаток на тоалети, интернет и туристичка сигнализација. Дури и делницата кај Демир Капија, и покрај инвестициите, нема функционални одморишта, панорамски точки, ниту содржини што би ги задржале туристите – како локални производи, сувенири или гастрономска понуда.

Наместо туристичкото патување да биде искуство, кај нас тоа често се сведува на транзит што треба да се помине што побрзо. Тоа создава негативен впечаток и ја намалува веројатноста за повторна посета.

Последиците од оваа состојба се повеќекратни:

  • негативно влијание врз локалниот економски развој
  • зголемена миграција
  • намален број на нови работни места
  • негативен имиџ на дестинацијата
  • намален број туристи и ноќевања
  • скратен престој на туристите
  • недостаток на инвестиции
  • зголемен притисок врз БДП

Очигледно е дека за промена е потребен интегриран пристап и координација меѓу институциите, како и зајакнување на административните капацитети. До тогаш, туризмот ќе остане зависен од чартер-летови во шпицот на сезоната и ограничени кружни патувања со краток престој.

Додека чекаме најавените инфраструктурни проекти да се реализираат, ќе продолжиме да ја гледаме истата слика – гужви на граничните премини и граѓани кои својот одмор го бараат надвор од Македонија.

Доц. д-р Љупчо Јаневски 

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот