Обидите моето институционално делување да се претстави како „предавство“ се неосновани, навредливи и политички мотивирани, кажа Љутков

Вистински проблем претставува токму користењето на културните работници како инструмент за лични и политички пресметки, тврди министерот за култура, Зоран Љутков.

од Vladimir Zorba
32 прегледи Фото: Фејсбук/Министерство за култура

Синдикалните организации мора да се вратат на својата основна функција заштита на правата на работниците и да се воздржат од политичко делување, притисоци врз институции и мешање во процеси кои не се во нивна надлежност. Обидите моето институционално делување да се претстави како „предавство“ се неосновани, навредливи и политички мотивирани. Вистински проблем претставува токму користењето на културните работници како инструмент за лични и политички пресметки, тврди министерот за култура, Зоран Љутков.

„Културните работници не смеат да бидат заложници на раководство кое наместо да работи во нивен интерес, систематски шири дезинформации, создава поделби и ја попречува можноста за конструктивни решенија.

Прашањето за финансиските импликации не е негирање на права, туку прашање на одговорно и одржливо управување со јавните финансии. Секој колективен договор мора да биде реален, спроведлив и во согласност со буџетските можности.

Зголемениот буџет за култура е конкретен доказ за мојата посветеност како министер кон подобрување на условите во културниот сектор, преку мерки и политики, а не преку празни декларации.

Потребно е враќање на професионалниот дијалог и прекин на политичките манипулации. Културата заслужува стабилност, институционална зрелост и партнерство, а не притисоци и лажни наративи“, додава тој.