Од „ќе умре цела цивилизација“ до „златна ера“: Кој е вистинскиот победник од војната на Блискиот Исток?

Двонеделен прекин на огнот: „Ова не е победа, туку избегнат пораз во кој сите страни задржаа дел од своите позиции“

од Nikola Popovski
36 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Channel 4 News

Кратко пред истекот на ултимативниот рок од Вашингтон за Техеран, САД и Иран со посредство на Пакистан, постигнаа двонеделно примирје со отворање на Ормускиот теснец како клучен дел од договорот. Исламабад ја пофали мудроста на двете страни и ги повика на разговори в петок за конечен договор.

„Привременото примирје меѓу Иран, САД и „нивните сојузници“ стапува во сила веднаш. Примирјето важи насекаде, вклучително и во Либан. Двете страни покажаа извонредна мудрост и разбирање и останаа конструктивно посветени на промовирање на мирот и стабилноста“, објави Шехбаз Шариф, премиер на Пакистан.

Двете страни прогласија победа – САД велат дека ги исполниле целите, а Иран дека го наметнал својот план. Трамп најави „златно доба“ за регионот и порача дека Иран е подготвен за мир, додека Техеран потврди продолжување на преговорите и координација на бродскиот сообраќај за време на примирјето.

„Одличен ден за светскиот мир! Иран го сака, доста им е! И сите други го сакаат тоа! САД ќе помогнат со сообраќајот во Ормускиот теснец. Ќе има многу позитивни акции! Ќе има многу пари за заработка. Иран може да започне со обнова. Ќе се опремиме со сите потребни резерви и само ќе чекаме за да се осигураме дека сè ќе оди добро. Сигурен сум дека ќе биде така. Исто како што се случува овде во САД, ова може да биде златното доба на Блискиот Исток!!!“, објави американскиот претседател Доналд Трамп.

Кој е вистинскиот победник од војната која траеше еден месец?

Според воено-безбедносниот аналитичар и новинар, Александар Србиновски, ова не е класична победа, туку контролирана деескалација по еден месец на интензивен притисок. Иако и Вашингтон и Техеран прогласија успех, реалноста покажува дека ниту една страна не го постигна својот максимален стратешки исход.

-Иран успеа да ја зачува својата основна позиција. Под директен воен притисок, не направи суштински отстапки ниту во однос на нуклеарната програма, ниту во однос на ракетните капацитети и регионалното влијание. Во таа смисла, задржувањето на статус-квото претставува значаен резултат.

САД, од друга страна, постигнаа важен тактички ефект. Отворањето на Ормутскиот теснец и избегнувањето на поширока ескалација ја стабилизираа глобалната економска и енергетска динамика. Но, паралелно со тоа, продолжува военото позиционирање во регионот, што покажува дека кризата не е затворена, туку управувана.

Сепак, клучниот проблем е што договорот и реалноста на теренот не се целосно усогласени. И покрај најавеното примирје, Израел продолжи со напади, што укажува дека договорот не ги опфаќа сите актери и фронтови. Ова отвора прашање за степенот на координација меѓу САД и Израел и покажува дека примирјето е делумно, а не целосно, вели Србиновски во анализа за „Локално“.

Фото: Александар Србиновски

Во тој контекст, додава соговорникот, ова повеќе личи на фаза отколку на крај.

-Искуството од Газа покажува дека ваквите примирја често функционираат како тактички паузи пред нов циклус на насилство. Во моментов, нема јасен сигнал за долгорочно политичко решение, туку само простор за прегрупирање. Дополнителен фактор на неизвесност е внатрешната динамика во Иран. Не е целосно јасно кој има конечен авторитет во процесот на одлучување, а одредени структури, особено во рамки на Револуционерната гарда, можат да дејствуваат автономно и да го поткопаат процесот. Тоа значи дека дури и постигнат договор може да биде тешко применлив на терен.
Затоа, најпрецизниот заклучок е следниот: ова не е победа, туку избегнат пораз во кој сите страни задржаа дел од своите позиции. Конфликтот не е завршен – само е одложен, потенцира аналитичарот.

Тврдењето дека воените цели се исполнети повеќе звучи, вели Србиновски, како политичка порака отколку како целосна аналитичка слика. Според него, САД успеаја да го постигнат најитното – да ја намалат ескалацијата и да го обезбедат отворањето на Ормускиот теснец, што има директно влијание врз глобалната економија и енергетските текови, но, дециден е дека ситуацијата на терен покажува поинаква динамика.

-И покрај формалниот прекин на огнот, Израел и Иран продолжуваат со размена на удари, додека САД во овој момент не се директно вклучени во тие активности. Тоа укажува дека договорот е ограничен и дека контролата врз конфликтот е делумна. Дополнително, нема потврдени информации дека Иран направил суштински отстапки во однос на нуклеарната програма или ракетните капацитети. Тоа значи дека главните цели на Вашингтон остануваат отворени, и покрај краткорочната стабилизација. Пристапот на Трамп останува препознатлив: максимален притисок, проследен со деескалација. Тоа функционира тактички, но ја отвора дилемата за долгорочна одржливост. Затоа, САД не постигнаа финален исход, туку управуваат со кризата. Допочнително со тоа конфликтот не е затворен туку само е префрлен во следна фаза, објаснува Србиновски.

За однесувањето на Израел, новинарот потсетува дека формално ја прифати паузата, но нивното однесување покажува дека не ја прифаќа нејзината суштина. Дури и по најавата за прекин на огнот, продолжуваат размените на удари меѓу Израел и Иран, што укажува дека дел од конфликтот останува активен.

-Ова произлегува од јасна разлика во стратешките цели. За САД, приоритет е деескалација и стабилност, додека за Израел клучно е долгорочно слабеење на Иран. Тоа значи дека примирјето се гледа како пауза, а не како решение. Паралелно, Израел веќе се подготвува за идни сценарија. Дисперзијата на производството на воена опрема и градењето на партнерства надвор од класичните рамки, вклучително и во земји како Србија, укажуваат на долгорочна подготовка за можни нови ескалации. За Нетанјаху, ова е сложена позиција – Иран останува функционален, а исходот не е одлучувачки. Тоа создава и безбедносен и политички притисок. Израел ќе продолжи да делува врз основа на сопствена проценка, дури и кога тоа не е целосно усогласено со САД. Ова е транзиција, не завршница, оценува соговорникот.

Многу остри зборови се кажаа, конкретно од Трамп кон неговите сојузници поради одбивањето да му помогнат околу Иран. Запрашан дали несогласувањата повторно ја покажаа поделеноста на Западот и докажаа дека кризата во односите е продлабочена, Србиновски анализира дека острите изјави не значат распад на Западот, но јасно откриваат дека единството е условно и зависно од интереси. Кога кризата бара директна цена, воена, економска или политичка – разликите меѓу сојузниците стануваат поочигледни.

-САД се фокусираат на геополитичка контрола и демонстрација на сила, додека европските држави приоритет даваат на стабилноста, енергетската сигурност и избегнување нова ескалација. Ова не е нова поделба, туку продлабочување на веќе постоечките разлики. Сакам да додадам дека во исто време, кризата има и јасна економска димензија. На краток рок се гледа стабилизација, цената на нафтата падна, а берзите реагираа позитивно. Но на среден рок, ризиците остануваат, особено кај гасот, каде цените значително пораснаа поради клучната улога на Катар како глобален снабдувач. Ова ќе ги принуди многу земји, особено во Азија, да бараат алтернативни извори на енергија. Во таква една сега “нова” конфигурација, САД се позиционираат како главен добитник, дополнително профитабилна добра позиција од војната добива и другата глобална супер сила односно Русија која најверојатно ќе се реориентира сега да ги задоволи потребите за овој ресурс кон останатите големи пазари како Кина и Индија. Паралелно, се движиме кон поширока геополитичка реконфигурација на Блискиот Исток. Регионот веќе е ослабен од децении конфликти, а оваа криза дополнително ја менува рамнотежата. Ќе следат нови инфраструктурни проекти, нови енергетски рути и нови безбедносни аранжмани. Во таа нова слика, Израел ќе се обиде да ја задржи доминантната позиција, додека регионални сили како Турција и Пакистан веројатно ќе преземат поголема улога, делумно во координација со САД. Затоа, не станува збор за распад на Западот, туку за редефинирање на односите во многу поширок и покомплексен глобален контекст. Токму затоа тврдам дека она што се случува во моментов е само една пауза, но не и финално трајно безбедносно и геполитичко решение, нагласува Србиновски.

Н.П.