Во случај да нема од каде земјава да купи течен (ЛНГ) гас, добро е што Македонија склучи стратешки договор си САД за набавка на гас, изјави за „Локално“ професор Константин Димитров.
Тој објаснува дека тоа е позитивното што може да го каже во моментов за оваа информација која вчера од САД ја објави Министерството за енергетика дека е потпишан меморандум за соработка со кој се предвидува течен природен гас да се купува од САД.
-Не можам да кажам дали ова е добро или не и што ќе значи тоа за Македонија, бидејќи ниту ги знаеме условите, ниту од каде ќе се носи ниту колку ќе чини. Сепак ако се случи поради кризата на Блискиот исток да нема од каде да купиме, а да имаме потреба од тоа, добро е да има од каде би набавиле, изјави проф. Димитров.
Тој објаснува дека нема информации дали сопствениците на бензинските пумпи и енергетската компанија ТЕ-ТО, ќе купуват од овој гас или како и досега ќе се снабдуваат од Азербејџан.

Фото: Принтскрин/Јутјуб
-Немаме информација како тој ќе се донесе до тука, бидејќи гасоводната цевка кон платформата во Грција не е поставена, иако имаме резервирано капацитет од таму да купуваме и си плаќаме кирија, но не може да го користиме бидејќи нема цевковод. Има многу работи што не ги знаеме. На пример ТЕ-ТО може и натаму да набавува гас од Азербејџан, од каде има цевковод преку Жидилово, Исто така, течниот гас е за околу 20 % поскап од оној во гасовита состојба и колку тоа ќе влијае на цената не знаеме. Не навлегувам во трошоците за транспорт ако течниот гас се носи со брод“, изјави Димитров.
Министерството за енергетика вчера објави дека во рамки на официјалната посета на висока владина делегација на Соединетите Американски Држави, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска потпиша Меморандум за разбирање со САД за унапредување на безбедноста на снабдувањето со природен гас.
Божиновска меморандумот го потпиша со заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау.
Во заедничката изјава по втората сесија од стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД кој се држува во Вашингтон, стои дека двете земји се договорија за купување течен природен гас од САД и воспоставување едношалтерски систем за извоз и инвестиции.
Е.Б.