Владините мерки го штитат профитот на компаниите, а не стандардот на граѓаните

Инфлацијата повторно достигнува 5 отсто, а граѓаните се соочуваат со тешкотии во покривањето на основните животни потреби, вели за „Локално„ економскиот експерт Бранимир Јовановиќ.

од Vladimir Zorba
50 прегледи Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски

Мерките на Владата се задоцнети, несоодветни и немаат реален ефект врз цените на прехранбените производи. Наместо да го заштитат животниот стандард на граѓаните, тие служат за заштита на големите компании, кои повторно профитираат на грбот на народот. Во време кога инфлацијата расте, цените на горивата и храната се високи, а граѓаните тешко крпат крај со крај, владините мерки изгледаат повеќе како формална процедура отколку како вистинска помош.

-Мерките на Владата не само што се задоцнети, туку се и неефикасни. Тие треба да им помогнат на луѓето да се справат со економската криза преку намалување на цените или преку зголемување на примањата. Сепак, овие „квази“ мерки не го прават ни едното ни другото. Горивата продолжуваат да растат, дизелот е веќе на највисоко ниво од 2022 година, а цените на основните прехранбени производи почнуваат да поскапуваат. Инфлацијата повторно достигнува 5 отсто, а граѓаните се соочуваат со тешкотии во покривањето на основните животни потреби, вели за „Локално„ економскиот експерт Бранимир Јовановиќ.

Фото: Фејсбук/Принтскрин/РСЕ

Според него, единствениот ефект од овие мерки е празнење на државниот буџет, додека големите компании повторно профитираат од кризата.

-Истите компании што минатата година остварија големи добивки сега повторно извлекуваат корист, додека стотици илјади граѓани се принудени да крпат крај со крај. Наместо да се поддржат производителите, малите трговци и граѓаните, владините мерки повеќе ја штитат корпоративната моќ и профитот. Историјата се повторува, и тоа е најголемата трагедија – државата продолжува да ги штити интересите на богатите, додека обичниот човек е оставен сам на себе, во услови на растечки цени и намалена куповна моќ, вели Јовановиќ.

Економскиот аналитичарот Синиша Пекевски смета дека мерките на Владата се задоцнети и оти требаше да се донесат пред Велигден за да имаат ефект.

-Мерките на Владата требаше да се донесат пред празниците, бидејќи потрошувачката тогаш е најголема. Дел од цените по празниците природно ќе паднат, што остава впечаток дека Владата повеќе ги штити големите маркети отколку граѓаните. Освен што се задоцнети мерките се и несоодветни. Тие треба да бидат насочени главно кон производителите и трговците, со поголема контрола на монополското и непазарното однесување, за да се спречи непропорционален профит на големите компании на сметка на граѓаните, смета Пекевски.

Фото: Фејсбук/Синиша Пекевски

Од Сојузот на синдикати на Македонија сметаат дека мерките не се доволни да го спасат народот од осиромашување, според првиот човек на синдикатот Слободан Трендафилов треба да се зголемат платите.

-Секоја мерка е добредојдена, но таа требаше да се случи вчера затоа што денес веќе е доцна. Владата треба да го заштити нивниот животен стандард не само преку донесување мерки туку и преку зголемување на нивните плати за да ја вратат загубената куповна моќ и да им овозможи достоинствен живот. За жал, платите не се зголемија платите на сите работници, а минималната плата, која беше основа за зголемување на сите плати, остана само на законското усогласување. Ако сега не им покаже оваа состојба на Владата дека е потребно зголемување на платите, тогаш евентуалното зголемување на цените поради зголемување на нафтата во наредниот период ќе значи уште поголемо осиромашување на народот, изјави Трендафилов.

И опозициската СДСМ предупреди на ценовен шок по празниците и растот на трошоците за живот, обвинувајќи ја Владата дека доцни со навремени и ефикасни мерки за справување со економската криза.

Б.С.