Децата и понатаму користат Инстаграм и ТикТок: Забраната во Австралија доживеа неуспех, покажуваат првите резултати

Првата голема забрана за користење на социјални мрежи за деца помлади од 16 години во Австралија не ги дала очекуваните резултати

од Кристијан Димков
8 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ CBS Boston

Дури 61 процент од тинејџерите кои имале профили пред воведувањето на законот и понатаму без проблем пристапуваат до своите сметки. Новата студија на фондацијата „Molly Rose“ покажува дека поголемиот дел од децата и понатаму ги користат популарните апликации и покрај строгите правила.

Истражувањето откри дека ТикТок и Јутјуб задржале повеќе од половина од своите малолетни корисници. Околу 53 проценти од децата и понатаму пристапуваат до овие платформи, додека кај Инстаграм тој процент е нешто помал и изнесува 52 проценти. Главниот проблем е што самите платформи не презеле речиси никакви мерки за деактивирање на спорните профили.

Речиси две третини од корисниците на Јутјуб изјавиле дека платформата не направила ништо за да ги деактивира нивните стари профили. Слична е ситуацијата и со апликациите Снепчет и Тикток, каде што профилите ретко се бришат. Поради тоа, децата немаат потреба да бараат сложени начини за заобиколување на системот, бидејќи пристапот и понатаму им е отворен.

Кога правилата биле штотуку воведени, тинејџерите користеле разни трикови за да ја измамат проверката со скенирање на лице. Некои користеле шминка или правеле необични гримаси, додека други користеле VPN – услуги за да ја сокријат својата локација. Исто така, забележани се случаи каде постари пријатели и роднини со своето лице им помагале на децата да ги поминат проверките.

Иако целта на законот била децата да бидат побезбедни, повеќе од половина од испитаниците велат дека ништо не се променило. Дури 14 проценти од тинејџерите сега се чувствуваат помалку безбедно отколку пред воведувањето на забраната. Многу експерти сметаат дека ваквите закони не носат подобрување преку ноќ и дека е потребна подобра контрола од самите компании, како што е „Meta“ групацијата.

Овој пример од Австралија сега внимателно го следат земји како Грција, Франција и Шпанија, кои планираат слични мерки. И САД размислуваат за воведување ограничувања, бидејќи сè повеќе се говори за штетното влијание на апликациите врз најмладите.