За продолжениот викенд 43 илјади Македонци заминале во Грција, Србија, Косово…

„Во овој случај, дел од патувањата кон Блискиот Исток ќе бидат заменети со европски дестинации. И покрај можноста, сметам дека македонскиот туристички сектор во 2026 година, за жал, нема да бележи значајни поместувања. Туризмот и понатаму ќе ни се случува спонтано, со повремени позитивни ефекти од новите авионски линии“, вели проф. Јаневски за „Локално“

од Nikola Popovski
43 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/

Според податоците од граничните премини за продолжениот викенд  43 илјади македонски граѓани заминале во соседните држави. Доколку тоа го преточиме во бројки тоа значи дека нашите граѓани надвор потрошиле од 10 до 12 милиони евра. Овие пари наместо да завршат во нашата економија, односно истите да ги инвестираме во подобрување на инфраструктурата и проширување на капацитетите тие завршиле во касата на соседните економии. Генерално на годишно ниво од 400 до 600 милиони евра трошиме во Грција, Србија, Косово….

Љупчо Јаневски, универзитетски професор смета дека за оваа состојба има голем број на фактори, но неконкурентноста на нашата дестинација не води само од компарацијата море, езеро туку е многу подлабока со поразителни туристички политики за домашните туристи кои треба да се градат, развиваат и инплементираат.

-Состојбата во туристичката индустрија воопшто не е наивна, пред сè поради безбедносните ризици на Блискиот Исток, кои за 2026 година се очекува да предизвикаат загуби од 60 до 80 милијарди долари во туризмот, со долготрајни последици и врз други економски сектори, поради бавното закрепнување на регионот од воените конфликти. Неизвесноста веќе се чувствува и преку покачувањето на цените на авионските билети за 30 до 50 отсто на одредени дестинации, откажаните летови, намалениот распоред на летање, недостатокот на гориво, променетите туристички текови и генерално повисоките цени на услугите. Сите овие фактори создаваат сериозна неможност за долгорочно планирање во глобалниот туристички сектор, вели Јаневски за „Локално“.

Според него, ова доведува до зголемена побарувачка за алтернативни дестинации на пократки растојанија и поголема употреба на автомобилски, железнички и автобуски превоз. Во такви услови, сè поголем број туристи во 2026 година самостојно ќе ги организираат своите патувања, избирајќи почести, но пократки престои на различни дестинации во текот на годината, со фокус на безбедноста.

Љупчо Јаневски/Фото: Фејсбук

-Туристичките текови нема да запрат, туку ќе се пренасочат кон нови пазари. Во овој случај, дел од патувањата кон Блискиот Исток ќе бидат заменети со европски дестинации. И покрај можноста, сметам дека македонскиот туристички сектор во 2026 година, за жал, нема да бележи значајни поместувања. Туризмот и понатаму ќе ни се случува спонтано, со повремени позитивни ефекти од новите авионски линии, кои статистички можеби ќе донесат пораст, но без значителен финансиски бенефит за самите дестинации, додава тој.

Според програмата на Министерството за култура и туризам се очекува раст од 5 до 7 отсто на туристите. Сепак, за да се обезбеди долгорочен развој, неопходни се државни проекти, особено за руралниот туризам и одржливоста на туристичките дестинации.

Анализите покажуваат дека геополитичките тензии на Блискиот Исток директно се одразуваат врз туристичките текови, при што безбедноста станува клучен фактор во изборот на дестинација. Медитеранските земји, а особено Црна Гора и Хрватска, профитираат од ова пренасочување и стануваат сè поатрактивни за европските туристи. Иако Македонија нема море, таа има потенцијал, но треба подобро да се позиционира на регионалниот туристички пазар.

Б.С.