Лидерот на СДСМ Зоран Заев во интервју за ЛокалноМК одговара на повеќе прашања врзани за случајот „Пуч“, говори за последните пораки на меѓународната заедница, за мотивот на оставките на ДУИ, случувањата во ВМРО ДПМНЕ, за Бранко Црвенковски, големиот протест што го подготвувааат и составот и тајмингот на дејствување на новата преодна влада.
„Не само што по природа сум оптимист туку и навистина, готово е со Груевски,“ вели лидерот на СДСМ Заев, во интервјуто со Драган Антоновски.
А, што ако не е готово и ако не си оди Груевски?
Заев: „Прашањето е што ќе прави Груевски? Што тој ќе прави? Народот веќе е на чисто. Ова може да биде само мачење на државата, но истовремено и пекол за Груевски.Тој веќе не вреди 5 банки во очите на луѓето.
Што тој ќе прави сам со себе и неговите ако остане на власт? Тоа прашање треба да си го постави јавно тој и сам пред себе.
Затоа многу е убаво навремено да ги повлече потезите и пополека да ја подготви Македонија за избор на преодна влада, на кои граѓаните после долго ама долго време, ќе излезат на слободни демократски и фер избори, и ќе донесат одлука кој ќе ја води Македонија.
Не мора тоа да биде Зоран Заев, а истовремено Груевски не мора да се плаши ако е толку сигурен и силен. Верувам дека кој и да ја води државата со легитимитет на граѓаните , јас и моето семејство и сите граѓани ќе бидеме спокојни!“
За последните случувања во Гошинце лидерот на опозицијата со осуда за настаните и изјави дека тоа се премногу индикативни работи.
„Народот е сплотен во овие времиња во борба за слобода и демократија против врхушката на власта, и тој самиот е гарант за безбедноста и стабилноста на Македонија, и тоа ми дава некаков спокој“, порачува Заев.
„Може да се појавуваат секакви бандитски групи, без разлика испланирани од поединци или групи или се самоинцијатвно мотивирани, кои сакаат да ловат во матно, сепак нема да успее никаков обид кој би предизвикал какви било тензии, па посебно меѓуетнички тензии. Тоа е невозможна мисија! Во МВР има многу стручни луѓе кои што можат професионално да си ја завршат работата, па дури и да се работи за монтиран инцидент.“
Погледнете го целото интервју: