Илинденски пораки: Заев народот го дели на арамии и ограбени, Груевски на кодоши и патриоти

од Vladimir Zorba
90 прегледи

Зоран Заев народот го дели на арамии и ограбени, а Никола Груевски  на кодоши и патриоти. Со илинденски пораки меѓу народот и напади кон политичкиот противник, едниот од револуционерно Крушево порачува дека ќе се бори да ја симне фамилијата од власт, а другиот од срцето на иселеничките средби  Трново- ветува нови проекти.zaev grujo
Единствената поделба што е реална денес е на арамии и на ограбени од арамиите. За среќа арамиите се малку и ќе бидат многу брзо поразени. Републиката која е во пламен и опустошена од оваа мала фамилијарна банда повторно ќе ја изградиме согласно илинденските идеали, рече Заев.
Го чувствувам презирот со кој стотиците илјади луѓе со кои се среќавам низ целата држава го имаат кон секој оној кој со кодошлак, со страничен елемент, со неработа и со критика само заради критика, а без суштина сака да оствари своја лична теснограда цел на штета на интересот на државата Македонија, рече Груевски.
Идеалите за слободна Македонија најголемите политички ривали ги претопија во илинденски пораки со кои и двајцата најавуваат изборни победи.
„Знам дека македонскиот народ едвај чека да добие шанса, да се произнесе за се она што го гледа во изминатиот период, да го даде својот глас, да излезе на слободни фер избори, да каже дека граѓаните на Македонија се господари на ова парче земја, дека овде живее народ што знае што сака и знае што прави“, вели Никола Груевски лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
„Некогаш нашите предци битката за слобода ја водеа со пушки со топови. Денес најмоќното оружје е гласот на граѓанинот.  Го слушаме тој глас, кренат и бунтовен низ улиците веќе со месеци. Се крена народот против арамиите, а за подобар живот. Многу бргу тој глас ќе се преточи во гласачки ливчиња и во победа на илинденските идеали за слободна, демократска и просперитетна Македонија“, вели Зоран Заев лидер на СДСМ.
На големиот државен празник Груевски посочува дека неговата партија прераснала во код за македонската борба, синоним за патриотизам.

Од друга страна Заев вели дека државата е вилает на една фамилија на власт. Сепак и двајцата  лидери, денеска имаа и непријатни средби. Заев во Крушево беше исвиркан, а граѓанин во Трново од Груевски гласно побара, врати ги парите./24

вести