Мелани Трамп, сопруга на претседателскиот кандидат на Републиканската партија, Доналд Трамп, ги отфрли како неточни обвинувањата дека ја злоупотребила американаката виза кога почнала да работи како модел во Њујорк.
Во соопштението за медиумите, Мелани тврди дека „целосно ги почитувала имиграциските прописи“.
Но, потенцијалната „прва дама“ на САД се уште нема објаснето каква виза користела кога во 1995 година била на едно снимање во Њујорк.
Мелани Трамп инсистира дека почнала да работи во 1996 година, но нејзините разголени фотографии, што ги објави еден американски таблоид се направени една година порано, во 1995 година.
Таквото несовпаѓање предизвика прашања за тоа дали сегашната госпоѓа Трамп не ја злоупотребила визата, што ја имала тогаш, како и дали тогаш воопшто имала право да работи во САД.
Сопственик на агенцијата за модели во Њујорк изјавил за медиумите дека тој и помогнал да дојде до виза во 1996 година, но дека таа морала секој шест месеци да излегува од САД и да патува до Словенија од каде потекнува, за потоа одново да се враќа во Америка.
Таквата обврска меѓутоа се однесува за лица кои имаат туристичка, или бизнис виза и тие, според имиграциските прописи, немаат право да работат. Мелани сепак работела како модел, ангажиран од агенција за модели.
Контроверзите на Мелани Трамп и нејзнината виза на почетокот од престојот во Њујорк, доаѓа во време кога сопругот Доналд Трамп одново ја засили кампањата против имигрантите и особено против илегалните имигранти за кои бара веднаш да се протераат.
Трамп повторно бара забрана за влез во САД на муслиманите, нарекувајќи ги закана за безбедноста и плашејќи ги гласачите дека секој од нив е потенцијален терорист.
Изборниот штаб на Трамп, засега, молчи околу визата на Меланија Трамп.