Утре сите пунктови за донации се организираат во еден на Сквер Јадран

од Vladimir Zorba
111 прегледи

ФБ-групата „Хуманитарна помош за поплавените семејства во Скопје“ информира дека утре сите пунктови за донации се спојуваат во еден што ќе биде сместен во центарот на градот на Сквер Јадран.

„Сите пунктови стануваат еден и координиран пункт за донации за настраданите во поплавените делови на Скопје – на Сквер Јадран, од 10 до 22 часот“, се вели во повикот.

Веднаш по пристигнувањето и пакувањето донациите ќе бидат упатени таму каде што се најнеопходни.

„Ситуацијата од теренот потврдува дека се неопходни уште многу донации! Да докажеме дека сме хумани и дека можеме повеќе! И тие што веќе дониравме, да донираме пак – дури треба! Наместо на едно кафе во град, донирајте за спас на нечиј живот“, порачуваат волонтерите.

ФАТИ СЕ ЗА ЛОПАТА – РАСЧИСТУВАЊЕ НА СИТЕ КРИТИЧНИ ТОЧКИ

Во моментов најнеопходни се средства за дезинфекција, средства за лична хигиена, конзервирана и сува храна (храна којашто не треба да се готви или да се чува во фрижидер), храна за бебиња, пелени за бебиња (сите броеви), пелени за возрасни, прибор за чистење, кофи, ракавици за чистење, лопати, гумени чизми, работнички колички, лекови коишто се издаваат без лекарски рецепт, батериски ламби, плински боци и плински уреди за готвење, свеќи и ќибрити, медицински маски, хирушки ракавици.

Се повикуваат и сите производители на картонска амбалажа до  9 часот, директно на Сквер Јадран да донираат картонска амбалажа во што поголем број неопходна за пакување на донациите.

Волонтерите кои ќе ги примаат и пакуваат донациите се неопходни, задолжително да носат бели маици како знак на препознавање, и макрер, трака за лепење, скалпел или ножици.

Потребни се и волонтери со возила кои ќе помогнат во директна дистрибуција на донациите до настраданите.