Со цел да ги охрабри младите да бидат заинтересирани во култура, Владата во Италија подарува на полнолетните ваучер во вредност од 500 евра како “културен бонус”, соопшти англискиот весник “Индипендент”.
Иницијативата започнува на 15 септември, а ваучерите ќе можат да се користат за книги, билети за концерти, театар, кино, посети на музеи и национални паркови.

Над 575 000 тинејџери се очекува да го добијат овој “бонус”, кој ќе чини околу 290 милиони евра на италијанските даночни обврзници.
“Иницијативата испраќа јасна порака до младите, и ги потсетува дека веќе припаѓаат на општеството со возрасни луѓе”, вели парламентарниот секретар Томас Наничини, цитиран од италијанските медиуми.
“Исто така се потсетуваат колку е важна култура за нивниот развој како личности”, додава тој.
18-годишните ќе можат да ги користат доделените пари во апликација. Ќе можат да го извадат ваучерот на телефон и да го користат онлајн или на место кога купуваат билети или книги.
Италијанската влада планира слична иницијатива и во 2017 година, со која ќе ги награди наставниците со 500 евра, за да ги користат за професионален развој.