Кога имал 15 години, Дејвид Адеоти работел во едно интернет кафуле во приградската работничка населба Сателистки град, од каде едвај се гледаат блескавите облакодери на островот Лагос, на помалку од 16 километри источно.

Сателитскиот град бил скала повисоко за Адеоти. Роден е во Орилеу, едно зафрлено село со лоши улици и трошни куќи. Технологијата му помогнала да се извлече од таму. Интернет кафулето во Сателитскиот град била дополнителна работа за еден банкар, кој забележал дека момчето има вродена смисла за компјутери, дури и за стари и бавни десктоп компјутери кои ги држел во кафулето. Банкарот го плаќал Адеоти околу 200 долари месечно да му ја води работата. Адеоти трошел пари на курсеви на техничкиот институт, одлучен да не остане цел живот во интернет кафуле.
Еден ден во 2010 година еден гостин од кафулето го подигнал погледот од компјутерот да види кој влегол во локалот со нагласен британски акцент. Тоа било Џејсон Нџоку, 30 годишен човек од Лондон со очила, кој се преселил назад во својата татковина Нигерија. Нџоку го прашал Адеоти дали може да му скенира некои документи. И додека Адеоти скенирал, гостинот спомнал дека се обидува да најде инвеститори за една нова работа и го прашал дали би му се придружил. Размениле броеви на мобилните телефони.
По неколку месеци Адеоти му се јавил на Нџоку да види што се случува со работата, а тој го поканил во неговиот стан. Кога влегол, Адеоти затекнал шест млади луѓе кои стиснати работеле на компјутери, со цела шума заплеткани кабли околу нозете. Нџоку објаснил на Адеоти дека тоа е неговата работа: еден вид на домашен Нетфликс, со кој на нигериските корисници би им се овозможило да гледаат и да симнуваат странски филмови, но и обратно, дистрибуирање на нигериски филмови во светот. Нџоку барал некој како што е Адеоти, ДВД филмовите на Холивуд да ги префрлува во формат за ЈуТјуб. Судејќи според тесниот работен простор, проектот донесувал малку пари. Но, Адеоти сепак потпишал договор, мислејќи дека тоа ќе се продава само од себе.
Кога го запознав Дејвид Адеоти пролетта 2014 година, имаше само 24 години. Седеше со својот Мек лаптоп во модерна двоспратна деловна зграда во Лагос, во која е сместен iROKOVtv. Компанијата на Нџоку има околу 80 вработени, со дополнителни компјутерници во Јохјанесбург, Лондон и Њујорк. Адеоти има дупло поголема плата од таа која ја примал како шеф на интернет кафулето. Но, тој не е задоволен со тоа, туку апетитите му се зголемиле. „Планирам да почнам сопствен бизнис, нешто поврзано со филмската индустрија” – ми вели во доверба.
Штеди пари да отпатува во Холивуд. Сака да стане снимател, а можеби еден ден и директор на студио во Холивуд.
„Далечен е патот од средната класа до богаташите” – вели Адеоти. А потоа се смее и додава: „Но, ние од средната класа се бориме. Секој од нас очајнички сака да се збогати”.
Во која било друга земја во развој ваков став би се толкувало како обична илузија. Но, во Лагос, комерцијален центар на Нигерија, да се стане богат е градско мото.
Оваа земја неодамна изврши корекција на својот БДП за да се пресметуваат и приватните сектори кои до пред 20 години речиси и не постоеле. Како резултат на тоа, Нигерија утврди дека со својот БДП ја надминала Јужноафриканската Република во 2012 година и станала најсилна економија на континентот.
Нигерија денес има 15.700 милионери и неколку милијардери, од кои 60 отсто од нив живеат во Лагос.
Како што е тоа случај и со другите африкански метрополи и во Лагос, со заработката од нафтата, долго е фаворизирана само елитната класа, додека на положбата на останатите жители и градот како целина не обрнувал многу внимание. Сега високата класа се шири, но и средната класа, наспроти упорната разлика во платите. Според една анкета во 2013 година, која ја спровел Ciuci Consulting, фирма од Лагос која се бави со стратегија и маркетинг, за растот на оваа втората класа во Нигерија најзаслужни се развојот на банкарството, телекомуникациите и услужниот сектор, посебно во Лагос. Нигеријската средна класа пораснала од 480.000 во 1990 година, на 4,1 милион во 2014 година, што е 11 отсто од домаќинствата.
Така преку ноќ Лагос се претвори во град на Давиди кои копнеат да станат Голијати. Ова е приказна за големиот африкански успех. Како би било убаво кога ваква светла и позитивна приказна би можеле да ја раскажеме, а притоа целосно да ја занемариме темната обесхрабрувачка сага за злогласните нигериски терористи, кои ја затемнија позитивната слика за Нигерија, како што при соларна еклипса Месечината го затемнува Сонцето. Но, Лагос не постои во некој паралелен свет, како ни исламската терористичка група Боко Харам.
И едното и другото се составен дел на Нигерија, голема западноафриканска земја која е полна со вредни млади луѓе како Адеоти, но и беда, очај и насилство. Вистинско чудо е што стопанството на Нигерија се развива со таква брзина, кога знаеме дека ја води истата влада која е неспособна да застане на патот на тероризмот. Некој помал град би бил осакатен. Но и Лагос е осакатен на некој начин.
„Проблемот на Нигерија и Лагос е во создадениот имиџ. Тоа е најголем проблем. Кога човек ќе прочита за се што се пишува, би помисли дека дошол во воена зона во Авганистан. Но, кажете ми искрено: дали макар на еден момент сте се почувствувале загрозени?”.
Не сум, признавам на Коли Карим, елегантен и фин 45 годишен милионер и директор на конгломератот Shoreline Energy International, кој има над 3.000 вработени, а се занимава со производство на храна, енергија, телекомуникации и градежништво. Се чувствувам целосно безбедно во Лагос, што е пријатно изненадување, со оглед на тоа дека појдов на пат истиот ден кога во главниот град Абуџа над десет луѓе загинаа од експлозија на бомба на автобуска станица.
Тоа беше последен во низата терористички напади за кој Боко Харам ја презема одговорноста. Но, Лагос, барем до сега, беше поштеден од такви инциденти. Како насилството да се случува во некоја друга земја, како лош сон кој се заборава по утринско туширање.
„Слушајте, пред неколку недели бев поканет во Белата куќа” – ми вели Карим со добар британски јазик и со извесна огорченост во гласот: „Бевме 21 млади глобални лидери на Светскиот економски форум. Јас им велам: – Вие секогаш ги гледате нештата од агол на национална безбедност наместо економска рентабилност. Ги поканувате африканските бизнисмени да дојдат, а единствено што ве интересира е нешто да дознаете за Ал Каеда. Зошто го трошите моето време и ме викате да доаѓам дури до тука за да го слушам секогаш истото?”.
Карим посебно се труди секаде да го промовира економскиот процут на Лагос во кој и тој имал значителен удел. Една француска ТВ станица подоцна во текот на денот треба да го снима како игра поло, како знак за просперитет на градот. А идната недела треба да биде на Институтот Милкен во Санта Моника, каде ќе одржи говор за африканскиот енергетски сектор. Карим веќе држел слични говори на Харвард и Јејл, делумно и поради тоа што го смета за своја „морална обврска да ја промовира Нигерија и Лагос”. Кога се шегувам дека може да заработи големи пари на говори, тој сериозно одговара: „Ќе почнам да наплатувам дури откако светот ќе ја слушне нашата приказна”.
А приказната, накусо, гласи вака. По повеќевековните племенски власти на територијални кралеви и цареви и 99 години британска колонијална власт, Нигерија во 1960 година стекнала независност. Потоа со земјата наизменично владееле воени државни шефови се до 1999 година, кога конечно била извојувана слаба демократија. Од сите 36 сојузни државички, Лагос (во која е и истоимениот пристанишен град) од секогаш бил главен центар на моќта во земјата, иако сојузната престолнина во 1991 година е преместена во Абуџа, оддалечен 725 километри. Сепак, Лагос по повеќедецениските воени управи многу пропаднал. Училиштата, патиштата и болниците биле запуштени и дотраени.
Западните инвеститори се држеле подалеку. Кога во 1996 година Карим се вратил од Велика Британија во своето родно место да го прошири семејниот бизнис со какао, имало многу малку повратници како него, затоа што како што вели – „немало отворен пазар, а финансиските служби биле ретки. Во тоа време целокупниот капитал на банките можеби бил два милиона долари. Замислете да сакате да покренете работа во Лагос. Колку може една таква банка да ви позајми? А денес ќе ви позајмат и до 500 милиони долари!”.
Тоа што се случило во Лагос е последица на спој на два паралелни феномена. Како прво, откако добро ја искусиле неспособноста на политичарите, од скоро демократизираните жители на Лагос избрале двајца исклучително ефикасни државни гувернери. Прво во 1999 година бил избран поранешниот сметководител Бола Тинубу, а потоа во 2007 година, неговиот избран наследник Бабатунде Фашола, во чии заслуги се вбројува и помошта за спречување на епидемијата од ебола во Лагос.
Двајцата функционери ги подобриле финансиските прилики во Лагос со инвестиции во изградба на мостови и автопатишта. Во меѓувреме и Нигеријците од дијаспората почнаа да се враќаат дома. Кога светската економска криза ги погоди Европа и Америка, Лагос се понуди како нова перспектива за амбициозните бизнисмени. Еден од нив, Ланре Акинлагун, ми го кажа следново: „Сите мои пријатели таму во Велика Британија почнаа да се враќаат во Лагос. Кога потоа доаѓаа да ме посетат, се наоѓавме во бар и тие секогаш честеа тура пијалок. А следниот пат порачуваа цели шишиња најскапо пиење. Јас гледам и мислам: таму навистина нешто се случува”.
Сместен на брегот на Атлантикот, Лагос опфаќа појас на брегот околу една лагуна и неколку острови. Тоа денес е една забрзана и хаотична метропола, која е преполна со луѓе кои сакаат брзо да се збогата. Туризам во тоа место практично нема бидејќи луѓето во Лагос доаѓаат само за работа. Па сепак, тоа на некој начин е многу привлечно место, полно со оптимизам. Секако, тоа не значи дека животот во Лагос е мед и млеко. Како и сите градови во нагол развој и Лагос има мака да се избори со толкава експанзија. Бројот на жителите толку расте и толку е непостојан што едноставно е невозможно прецизно да се определи. Единствено се знае дека тоа е меѓу 13 и 18 милиони.
Главните деловни центри се два мали острови, Лагос и Викторија и тука можат да живеат само тие најбогатите. И додека градежните инвеститори се грабат за секој преостанат дел од мочуриштата, шумите или земјиштето (за изградбата на планираната ултра елитна населба Еко Атлантик од океанот се одземени 9 квадратни километри), амбициозните Лагошани се распнати меѓу желбата за престижен статус и апсурдно високите цени за становите во центарот на градот. Банките обично наплатуваат 20 отсто камати за станбен кредит.
Затоа Лагошани редовно купуваат станови некаде поделеку од центарот, а тоа значи дека секојдневно мора да патуваат на работа низ густ сообраќај, за што понекогаш им треба повеќе од 2 часа во еден правец. Или да чекаат да помине сообраќајната гужва, седејќи со пријателите со пиво и цигара во некој бар во центарот на градот. Тоа е вообичаена глетка, подеднакво типична за Лагос како и самата сообраќајна гужва.
Седам едно попладне во еден таков бар со пет-шест убаво дотерани млади банкари, стари околу 30 години. Вообичаено секојдневно седење во друштво кое навикнало вака да го убива времето со пијачка. Еден од нив, посебно зборлив млад човек, вели дека за стан во центар мора да плати четири пати повеќе од што го чинела куќата на копно. „Кога би имал плата како што треба, секако дека би живеел на островот” – вели тој. „Да живеам на островот, би одел дома на децата да им ги прегледам домашните задачи, да изиграм со нив некоја игрица на компјутер, или можеби да излезам со жената некаде на вечера. А вака во текот на работна недела, не можам”.
Младиот банкар потоа се смее на својата положба и порачува нова тура пијачка. Неодамнешна анкета меѓу младите Нигеријци, која ја спровела инвестиционата банка Renaissance Capital, покажала дека 76 отсто оптимистички гледаат на иднината на земјата. Оптимизмот во Нигерија има длабоки корени, посебно во Лагос, земја на трговци и колонисти, па од тука и толку конструктивен став. Лагошани себе се сметаат за по одважни од просечните западни Африканци.

Мора да се признае дека тоа е многу скромно тврдење. Данијел Санди, човек кој го изнајмив да ме вози наоколу во текот на мојот тринеделен престој во Лагос, ме води еден ден во крај во кој бил роден и пораснал: Макоко, смрдлива населба со трошни дрвени куќи во лагуната на Лагос, иронично наречена Африканска Венеција. Санди ми зборува дека го напуштил својот трошен дом уште како тинејџер и се вработил како кондуктер во автобус. Спиел на подот кај својот шеф и по неколку години заштедил доволно пари да купи свое прво возило.
Сега е женет, живее во копнениот дел на Лагос и секое утро по два часа вози муштерии како што сум јас во деловните квартови на градот. На Сандијевата деловна визит карта стои мото: „Верувам во Бога”.
„Ако на Нигериец пружите шанса, тој ќе даде се од себе” – вели во тек на едно жешко попладне 36 годишниот Онјекачи Чијагози, додека гордо ни ја покажува својата електричарска работилница. Да бидам искрен, на комбето се извадени седиштата и напукнатата шофершајбна и нема баш што да се види. Чијагози тоа половно комбе го купил за околу 4.300 долари, а во него може да го превезува својот алат по цел град. Така и тој се вклопил во општиот градежен бум во Лагос.
Сето тоа би било незамисливо за еден млад човек кој на 18 години бил неплатен чирак кај еден мајстор електричар и работел се и сешто за да преживее. Едно време спиел на автобуска станица. Имал само тоа што го носел на себе и ништо повеќе. По отприлика 4 години Чијагози успеал да собере доволно пари да изнајми една куќа во Одџоти, кварт со население од мешана имотна состојба, каде работел како чирак. „Штети, штеди, штеди. Жртвував се, но на крај почна да се исплати” – се присетува тој. „Регистрирав своја фирма. Луѓето во соседството ме знаеја. Некогаш поправав по некој штекер или погледнував зошто на некого не му работи светлото. Муштериите имаа се повеќе доверба во мене. А потоа почнаа да ми даваат вистински работи. Да направам целосна инсталација во дом. Да поправам банкомат или клима-уред. А бидејќи во Лагос е многу скапо да се држи сервис, решив да имам прв мобилен сервис во земјата”.
Сопственик на фирмата со интересно име Varied Pace Enterprises („Услуги со различна брзина”), Чијагози со гордост ми вели дека е оженет и дека има куќа со три спални соби во Одџота, како и плац надвор од градот кој го смета за мудра инвестиција. Ме шета низ соседството и ми покажува куќи на кои воведува електрична инсталација со своите двајца чираци. Дете од сиромашен кварт успеало да се пробие во животот. Уште една успешна лагоска приказна – но недовршена, бидејќи оваа не е ни од далеку готова. „Вистина добро заработувам, но таму преку мостот, на островот, се заработува многу повеќе. Само што јас таму се уште не ги познавам вистинските луѓе” – ми вели електричарот.
Банке Мешида Лавал познава вистински луѓе. Кога ја посетив во нејзиниот салон за убавина BM Pro на островот Лагос, младата шминкерка шминкаше една богата муштерија, која наскоро треба да оди во Чикаго на некоја свадба. Бидејќи Лавал не може да ја остави работата и сама оди на тој настан, една колешка ја снима целата процедура на шминкање на видео-лента. Една копија ќе биде пратена не некој од нејзините претставници во САД, кои ќе ја повторат шминката на денот на свадбата. Лавал само од таа една работа заработила повеќе од што Чијагози потрошил да ја купи својата подвижна електричарска работилница.
Она што на шминкерот и електричарот е заедничко е тој фанатичен деловен елан, иако таа почнала на повисок степен на скалата. Нејзиниот татко бил доцент на факултет, а мајка и радиолог. Додека студирала англиски јазик на Универзитетот во Лагос, почнала да ги шминка студентките за мал паричен надомест. „Во тоа време не ни постоел шминкерски занает, никој не слушнал за такво нешто”, ми вели таа. „Но, секогаш кога патувам за распуст во Велика Британија, купувам секакви шминки, а редовно купував и женски тинејџерски списанија како што се Мари Клер и Козмо”.
Бидејќи на факултет студирав ликовна уметност, тоа ми помогна да ги усогласам боите и да извлекувам линии”. Додека по факултетот служела рок во обавезната Младинска служба, која ја пропишала нигеријската влада, Лавал одлучила да отвори едно салонче во богаташкиот кварт Икоји. Во 2000 година ги шминкала жените за свадбата на синот на претседателот. Веднаш стигнала на насловните страници. Се преселила во поголем салон. Се повеќе познати личности ги барале нејзините услуги, во кои сега вклучила и фризури и маникир. BM Pro денес има четири ограноци и 32 вработени. Банке Мешида Лавал го има она што Онјекачи Чијагози го сака. Таа е во самиот центар на островскиот просперитет.
„Јас знам дека се ова што го правам е работа на престиж и луксуз” – вели Лавал. „Секоја жена умее сама да се нашминка дома. Но, ако сакаат нешто посебно, нешто екстра, тогаш доаѓаат кај мене. Тоа е т.н. кеш економија, а тука има многу луѓе кои се подготвени да платат во готово”. Насмевнувајќи се оваа шминкерка додава: „Огромен е јазот меѓу богатите и сиромашните. Среќна сум што сум меѓу тие кои заработуваат”.
Едно сончево велигденско утро влегов во моторен чамец усидрен на островот Викторија и се возев цел саат околу Лагос додека возачот не ме остави на еден дел од брегот од каде води земјена патека до куќата на плажата, преполна со 200 млади Лагошани кои играат со музика и пијат коњак.
Сите се облечени во бело, како што им пишувало на поканите, се додека силен дожд не почна да врне на терасата. А тогаш многумина почнаа да се соблекуваат во костими за капење и да скокаат во базенот. Изгледа дека сите се знаат од истите ноќни клубови, или иста фирма, или ист универзитет во Лондон, или од салонот за убавина кај Лавал. Никој од нив сигурно не се дружи со амбициозните работници како што е Чијагози и никој од нив не знае колку е тежок патот за да се стигне до средната класа.
(ГАЛЕРИЈА)ДА НАУЧИМЕ НЕШТО ОД ЛАГОС
Стојам неколку часа покрај ди-џејот кој пушта хип-хоп и гледам тука недостапна, убава и богата младина како се забавува, глетка која комотно може да се случува и од другата страна на планетата, во Холивуд или на Лонг Ајленд, на пример. Но, знам каде сигурно не може да се случува, а тоа е на околу 1.100 километри североисточно од тука, во шумите во северна Нигерија, каде Боко Харам држи заложници исто вакви млади девојки, киднапирани пред шест дена.
Додека едни пливаат во пари, други се жртви на насилство. По неколку дена Њујорк тајмс објави подолга приказна во која ја величи богаташката елита во Лагос, иако активистите преку Твитер покренаа кампања за ослободување на заложниците под името „Вратете ни ги нашите девојки”. Како овие два различни света коегзистираат? Како тоа во Лагос да цвета просперитетот додека северна Нигерија е во тотален хаос?
Воопшто не е лесно да се најде меѓусебна врска. Но, по неколку недели поминати во градот, почнувам да се прашувам: Ако Нигерија е најголем извозник на нафта во Африка, зошто тогаш во земјата владее хроничен недостиг на гориво? Зошто Лагошани понекогаш чекаат во колони на бензинските пумпи и по четири часа да наточат гориво? Зошто секоја зграда во градот не само сиромаштијата на копно, туку и најлуксузните хотели на островот Лагос, имаат генератори да имаат струја 24 часа?
Зошто жителите и понатаму плаќаат за струја која никако да ја добијат? Поради што градската полиција навечер поставува контролни пунктови на мостовите и влече пари од луѓето кои патуваат на работа? Зошто врвните академци од Универзитетот во Лагос продолжуваат со штрајкови кои траат по цел семестар? Што е тоа што не чини?
Тоа што не чини е корупцијата. А бидејќи постои и на сојузно ниво, Лагос е немоќен со неа да се избори. Професорите кои штрајкуваат и слабо платените полицајци се сојузни службеници. Тоа што нафтениот гигант како што е Нигерија мора да увезува гориво да ги задоволи потребите на потрошувачите е последица од тоа што Министерството за енергетика беспомошно гледа како државните рафинерии пропаѓаат, бидејќи трговците со нафта го успоруваат производството за набивање на што повисоки цени.
А според зборовите на Абике Дабири-Ереве, пратеничка во нигериското собрание, за хроничниот недостиг на струја во градот исто така се виновни бирократите во Абуџа. „Тие не го експлоатираат во целост гасот кој постои. Значи, проблемот е во тоа што електричните централи немаат доволно гориво” – ми вели пратеничката од Лагос.
Дабири-Ерева порано била ТВ репортер. Како сојузен пратеник таа е директен сведок на безобѕирната корупција, но државната нигериска телевизија никогаш не би и дозволила да зборува за тоа. „Тоа навистина е феномен. И сето тоа поминува неказнето. Еден член на Владата има приватен млазен авион. Друг функционер го украде пензинскиот фонд за милијарда наири (шест милиони долари) и се уште се шета слободно. Ниту еден единствен сојузен функционер не е казнет поради корупција, ниту еден! Тука во Лагос народот е многу снаодлив. Ќе видите луѓе како преживуваат така што продаваат портокали, или картици за мобилни телефони. Сепак, целата таа корупција мора да делува деморално на просечниот Нигериец” – вели таа.
И не само што деморалисува. Бескрупулозното профитерство паѓа на грбот на вредните и чесните Лагошани, ако секако не сакаат или не се подготвени и самите да се вклучат во таа игра. Чијагози ми кажува како бирократската корупција влијае на неговата егзистенција. „Многу електричари како што сум јас бараат работа со претприемачи” – вели тој. „Но, некои од нив не се инжинери. Тие се на пример, наставници или така нешто, но имаат брат кој работи во Владата. И кога работата треба да се заврши, тие изнајмуваат подизведувачи. А подизведувачот може да заработи многу пари ако користи лоши материјали. И секако, нема да ме ангажираат мене бидејќи јас инсистирам на најдобрите материјали. Кога би користел лош материјал, зградата може да се сруши, а потоа би ме уапсиле и би ми ја одзеле работната дозвола и уште морам да ја платам штетата. Тоа постојано се случува”.
Кога го прашав Кол Карим дали поради лошата репутација на Сојузната влада западните инвеститори не инвестираат во бизниси во Лагос, искусните светски бизнисмени тоа го отфрлаат како проблем. Компаниите работат со компании, а не со бирократите, продолжува тој. „Што воопшто Владата прави за вас, освен што ви наплатува поголеми даноци? Слушајте, воопшто повеќе не е важно кој е на власт. Лагос е воз кој веќе скршнал од станицата. И можете само да го успорите, но не можете да го запрете. Затоа и не е важно кој следен ќе дојде на власт. тоа е предност на демократијата! Не е важен претседателот на државата Гудлак Џонатан! Важен е прогресот! Заборавете ја политиката!”.
Си отидов од компанијата „Шорлајн” размислувајќи за тоа што ми го кажа Карим, искрен патриот кој несебично го жртвува и своето време и своите пари за доброто на Нигерија. Не може да му се замери ни на неговото жолто ферари, ни на вилите во Мајами и Марбела, на шпанскиот брег на Медитеранот, ни на фактот дека неговите деца кои живеат во Лондон, веројатно никогаш нема да бидат киднапирани од Боко Харам. Сепак, Карим и самиот рече: „Лагос не може да се запре, но може да се успори. Ни тој не е имун на силите кои ги парализираат понесреќните области на Нигерија. Кога на пратеничката Дабири-Ереви и реков дека Лагос до сега бил поштеден од нападите на Боко Харам, таа енергично одмавнува со рака и врти со глава. Бидејќи тука не станува збор за оддалечена терористичка група која може да се уништи со американски наведувачки ракети. Боко Харам е роден во Нигерија и е многу ефикасен”.
„Додека ние тука сега зборуваме, не знаеме каде повторно ќе удрат” – вели таа. „И додека тие планираат, изгледа дека Сојузната влада за тоа нема никакви информации”. Градот за сега е се уште безбеден и привлечен за одважните претприемачи. Дури и тие најсиромашните, наместо да очајуваат, гледаат да се качат на скала погоре на лагоската златна скала.
Ми зборуваа за некој Ти Џеј, кој никој не знае како, од некаде набавува модерна половна гардероба и ја продава во еден стар киоск на Улицата Маркет, недалеку од Нигериската берза. Висок, слаб продавач ме поздравува, ме одмерува со поглед, а потоа почна да вади големи пластични кеси полни со машки кошули.
„Уште додека бев мал, чувствував дека има нешто што ме тера напред” – вели Ти Џеј додека превртува по кошулите да најде нешто прикладно за мене. „Јас сум неизлечив оптимист. Не верувам во негативност. На моите муштерии тоа им се допаѓа кај мене. А вистина е дека ја сакам оваа земја. Луѓето тука се мачат. И јас се мачам. А Владата не сака да ја направи вистинската работа. Но, се тоа е работа на погледот на животот. Јас можам да се прехранам. А еден ден ќе се бавам со нешто друго”. И понатаму копајќи по кесите со половна облека, продавачот ми вели: „Токму овие денови се обидувам да најдам нешто подобро”.
Национална географија – Вашингтон