
Уште само неколку дена нè делат до традиционалната октомвриска радост, Скопскиот џез фестивал! Годинашното, 35-то по ред издание ќе се одржи од 13. до 16. октомври во добро познатиот формат на главна и полноќна програма, на три локации во главниот град (Македонски народен театар, МКЦ и Сити хол центар). И годинава, во духот на традицијата, Скопскиот џез фестивал ќе претстави низа реномирани уметници кои доаѓаат од САД, а ќе понуди и средби и свежи инспирации со претставниците на европскиот и латиноамериканскиот џез.
Фестивалот на 13 октомври во МНТ ќе го отвори еден од најиновативните импровизатори на француската џез-сцена, пијанистот Бојан З. Истата вечер ќе настапи светскиот виртуоз на гитарата, Џулијан Лаж со своето трио. Втората фестивалска вечер е резервирана за бразилскиот гитарист и кантавтор Винисиус Кантуарија кој во Скопје ќе го претстави својот најнов проект „Vinicius Cantuaria canta Antonio Carlos Jobim“ посветен на големиот бразилски музичар. Истата вечер публиката ќе го чуе полското трио на пијанистот Марцин Василевски со гостинот саксофонист Јоаким Милдер. Третата фестивалска вечер (сабота, 15 септември, МНТ) ќе претстави два врвни авангардни џез состави – американскиот квартет Made to Break и моќното скандинавско трио The Thing. Годинашното патување во светот на џез музиката ќе го заокружиме во недела, 16 октомври со концертите на американското трио Pulverize the Sound и на експлозивниот состав Supersonic предводен од францускиот саксофонист Томас де Пуркери. Полноќната програма на фестивалот на 14-ти октомври ќе ја отвори принцезата на соул музиката, светски популарната пејачка Џос Стоун. Саботниот полноќен концерт, пак, е резервиран за македонскиот состав Гоце Стевковски септет кој за оваа прилика ќе настапи со гостинот Џијан Емин.
Почнувајќи со класичен клавир на петгодишна возраст, приближувајќи се до белградската рок сцена како младич, Бојан Зулфикарпашиќ добил стипендија на осумнаесетгодишна возраст да студира џез во класата на Клер Фишер во САД. На дваесет години се преселил во Париз, докажувајќи се како иновативен импровизатор на француската џез сцена. По повеќе од две децении Бојан З има изградено впечатлива репутација. Како многу баран придружен инструменталист, има соработувано со ѕвезди како Анри Тексие, Мишел Портал и Жилиен Лоро. Покрај тоа, има и осум свои албуми што ги истакнуваат размерот и опсегот на неговиот музички опус. Првиот солистички музички потфат на Бојан З беше вешто насловениот „Solobsession“ од 2001 година за дискографската куќа „Bleu“. По единаесет години следуваше неговиот втор соло албум насловен „Soul Shelter“, плоча што истакнува заводлив и зрел пристап кон неговиот специфичен вид стилска фузија, но и ја потврдува оригиналноста на неговиот музички карактер, оригиналност поради која е важен творец во современиот европски џез. Бојан З ја доби наградата „Џанго Рајнхарт“ за музичар на годината од Француската џез академија, а во 2005 година му беше доделена Европската џез награда за најдобар европски џез музичар. Креативен, префинет, непредвидлив и секогаш прикрепен за мелодични мотиви, поради необичната визија за соло клавирот на Бојан З овој исклучителен настап не смее да се пропушти.
Еден од најведрите џез виртуози, со сталожена техничка вештина и навидум неисцрпна љубопитност, гитаристот Џулијан Лаж веќе има професионална биографија со која би се гордеел и уметник што е двојно постар од него. Во музичките кругови Џулијан одамна е познат по својата виртуозност како акустичен гитарист; всушност, бил чудо од дете на гитара, чија рана генијалност е доловена во краткометражниот документарец од 1997 година, „Џулс на 8 години“, номиниран за „Оскар“. Уметникот што живее и работи во Њујорк има соработувано со џинови како Гери Бертон, Џим Хол, Дејвид Гризман, Бела Флек и Чарлс Лојд. Има издадено четири албуми како фронтмен и уште неколку во дует, вклучително и со гитаристот од „Wilso“ Нелс Клајн, пијанистот Фред Херш и гитаристот од „Punch Brothers“ Крист Елдриџ. „Arclight“ (2016), дебито на Џулијан Лаж за „Mack Avenue“, го бележи неговиот прв снимен потфат на електрична гитара во трио, со придружба од контрабасистот Скот Коли и тапанарот Кени Вулисен. Во „Arclight“ Лаж ги покажува своите изведувачки вештини, истражувајќи два различни периоди: музиката од раниот до средниот ХХ век – „џезот пред бибоп“, вклучувајќи го и блузот, како што вели самиот – и „периодот на американскиот квартет на Кит Џерет, ера на импровизациски џез што имала богата врска со песните и народната музика“. „Arclight“ открива уште една страна на плодната умешност на Лаж, при што од акустичната аскеза што ги одреди неговите први снимки преминува во посеопфатен израз.

Познат по своите врвни кантавторски способности, емотивниот вокал и фантастичната инструментална техника, Винисиус Кантуарија има успешна кариера како солист од осумдесеттите, а како најпрефинет соработник дури и подолго, вклучувајќи соработка со Каетано Велозо, Дејвид Берн, Бил Фризел, Арто Линдзи и Ричи Сакамото. Иако младоста му се совпадна со глобалната доминација на движењето боса-нова и професионалната историја му започнува со рок и необразилска музика, Кантуарија е во исклучителен склад со уникатните шмекови и нијанси на класичните бисери на боса-новата. Неговото ново издание „Vinicius canta Antonio Carlos Jobim“ е посвета на овој херој на бразилската музика. Кантуарија се зафаќа со класичниот материјал на најличниот можен начин, изведувајќи го самиот најголемиот дел од музиката, свирејќи на акустични и електрични гитари, како и на ударни инструменти. Со издавањето на албумот, Винисиус Кантуарија како да го постигна она што отсекогаш го сакал: совршени изведби на класичните нумери на Жобин, обликувани на непогрешливо кантуаријски начин. „Vinicius canta Antonio Carlos Jobim“ како да е албумот кон кој Винисиус се стремел. Боса-нова во сиот свој раскош, елегантно испеана на португалски со најдобиот глас што босата би можела да го посака. Инструментацијата е суптилна и едноставна, од почит. Ова е уште еден бисер во дискографијата на Винисиус Кантуарија.

Marcin Wasilewski Trio & Joakim Milder
Долгогодишните состави се реткост во џезот, но триото на пијанистот Марцин Василевски свири заедно уште од студентските денови во раните деведесетти и способноста на членовите да си ги доловат и зајакнат мислите го одразува токму ова. Групата е една од најсјајните ѕвезди на полската џез сцена, позната по својата уникатна дарба да ги меша традицијата и современиот звук. Составот ги комбинира врвната традиција на тешкото начело на клавирското трио и притоа создава свој сопствен звук. Marcin Wasilewski Trio се смета за една од најзнаменитите и уникатни џез формации на својата генерација и стекна светска слава. Нивната прва плоча „Komeda“ (омаж на Кшиштоф Комеда) стана едно од најкоментираните дебија таа година. „Spark of Life“, издаден во 2016 година, е новиот албум на триото. На четвртиот албум на Marcin Wasilewski Trio има посебен гостин, шведскиот лирски саксофонист Јоаким Милдер, кого Полјаците го запознаа преку настапите со проектот „Litania“ на Томаж Станко. Како и секогаш, триото на Василевски воспоставува рамнотежа меѓу оригиналниот материјал – силно мелодични нови композиции од Марцин (меѓу кои и две варијанти на прекрасната насловна нумера) – и смела лепеза на обработки, во кои спаѓаат Херби Хенкок, „Message in a Bottle“ на The Police и аранжманот на Славомир Куркиевич на композиција на Гражина Бацевич, при што го зајакнува својот статус на една од најснаодливите постојни групи.
Еден од најсилните гласови што излегоа од британската музичка сцена и позната како Арета Френклин на првите децении на XXI век, добитничката на наградата „Греми“ Џос Стоун за првпат доаѓа во Скопје. Стоун имаше само 16 години кога стапи на мејнстрим-сцената, „опремена“ со моќен глас и старински, соул звук. Стекна верна публика во родната земја и во странство, прво со своите реинтерпретации на класични соул песни, а подоцна и со своите кантавторски вештини и моќни изведби. Стоун се прослави кон крајот на 2003 година со својот повеќекратно платинумски дебитантски албум „The Soul Sessions“. Нејзиниот втор албум „Mind, Body & Soul“ достигна платинумски статус во повеќе земји и на Стоун ѝ донесе и комерцијален и критички успех, како и три номинации за наградата „Греми“ и две награди „БРИТ“. По шест албуми, модерната кралица на безвремениот класичен соул се впушти во проект што преставува спој на хип-хоп, реге, светска музика и ритам и блуз, со својата нова плоча „ Water For Your Soul“. Тоа е албум што пулсира со течен реге фон, заслепува со звучната авантура на хип-хоп комбинации, блеска со егзотичните звуци на светската музика и го нанесува емотивниот удар на ритам и блуз. Подгответе се Џос Стоун да ве вчудовиди и одушеви. Слободоумната англиска соул пејачка беше на неверојатно патешествие, метафоричко и буквално, уметничко и географско, собирајќи влијанија и создавајќи музика.

SONY DSC
Ниедна група се нема обидено да ги спои звуците на слободната импровизација, фанкот и електрониката пред Кен Вандермарк да го основа квартетот Made to Break. Саксофонистот и композитор, во чија биографија спаѓаат антологиските групи Vandermark 5, Peter Brötzmann Chicago Tentet, Resonance Ensemble и Audio One – ако наведеме само четири од неговото множество тековни и поранешни групи – во последно време почна да го ослободува својот пристап кон компонирањето. Со Made to Break се воздржува од линеарното компонирање со импровизирани делови и преминува кон модуларен систем во кој свирачите може да ги мешаат и прередуваат компонираните делови во рамки на дадената мелодија. Made to Break е најрадикалниот состав на Кен Вандермарк. Комбинирајќи елементи од своите интерес и искуство со музиката на Етиопија и The Ex, како и новомузичките идеи на Џон Кејџ и Мортон Фелдман, и мешајќи ги со своето гледиште за џезот и историјата на музичките импровизации, создаде компоцизиска рамка за групата што може да се реструктурира за секоја изведба и што ги третира мелодијата, звукот и ритамот на сосем уникатен начин. Ваквиот креативен систем ѝ дава на групата речиси беспримерна флексибилност и непосредност. Инструментација на квартетот (тапани, електричен бас, електроника и дувачки инструменти) му дава на Вандермарк неверојатна лепеза од звуци што може да ги истражува во секоја композиција, но динамичната и спонтана енергија на групата ја даваат поединците и нивните различни пристапи кон импровизацијата.

Во моќното скандинавско трио, едно од модерните чуда на авангардниот џез, членуваат саксофонистот Матс Густафсон, басистот Ингебрикт Хакер Флатен и тапанарот Пол Нилсен-Лав. Од 1999 година, The Thing се докажаа како една од најзначајните европски џез групи, свирејќи разни композиции, меѓу кои и материјал од П. Џ. Харви, Алберт Ејлер, The White Stripes, Стив Лејси, The Stooges, The Sonics, The Cramps, Lightning Bolt и The Ex. The Thing ја преобразија музиката на овие уметници во современ контекст, давајќи ѝ свој печат. Триото претставуваше долго посакуван состав каде што повеќе музички стилови се среќаваат во високоенергетски излив. Еден од најпривлечните аспекти на The Thing е нагонското доживување да се видат во живо. По над 600 концерти ширум планетата, пет студиски албуми, меѓу кои и колаборативното издание со Нене Шери и бројни изданија од настапи во живо низ годините, во 2013 година The Thing го претставија својот шести студиски албум „Boot!“ како прво издание на својата нова дискографска куќа „The Thing Records“. Во 2014 година следуваше „The Thing with Thurston Moore live“, а во 2015 година „Shake“. По четири години The Thing се враќаат на Скопскиот џез фестивал, подготвени да ја доведат музиката на ново, бескомпромисно ниво додека и понатаму ја зацврснуваат својата положба во светот на современата независна музика.
Вештината на Гоце Стевковски како фронтмен можеби не е толку позната колку неговиот стаж со истакнати групи како „Езгија“ на Бодан Арсовски, „Архангел“, „Леб и сол“, „Проект жлуст“, „ДНО“ или разни помали џез проекти. Меѓутоа, со својот најнов проект, Гоце Стевковски септет, на тапанарот му успева да изведе впечатлив потфат со тоа што намамува неколкумина млади дувачки стрелци во првите редови да работат рамо до рамо со прекалени џез ветерани. Дебитантскиот албум на групата, „7 Stories“, е ретко остварување: постхард боп албум со силни и незаборавни мелодии, кој воспоставува совршена рамнотежа меѓу упадливоста и суптилноста. Како еден од водечките современи македонски музичари, и Џијан Емин има стекнато солидна репутација ширум светот. Од прва хорна во Македонската филхармонија до вешти изведби на музички импровизации или џез, од диригирање со меѓународни оркестри до компонирање и аранжирање нумери за филм и театар, Џијан се истакнува во сиот свој сјај, секогаш додавајќи оригинален глас и беспримерна музикалност. Меѓу неговите соработници спаѓаат светски познати музичари како А. Р. Рахман, Френк Лондон, Вилијам Паркер, Боб Стјуарт, Лука Аквино, Џанлука Петрела, Малколм Берн, Дерик Меј, Хуан Аткинс и Џеф Милс. Како диригент има настапувано со Детроитската симфонија, Мелбурнската симфонија, оркестарот „L’amoureux“, Фламанската симфонија, итн. Гоце Стевковски и Џијан Емин се долгогодишни пријатели и настапуваат заедно во различни проекти над две децении.
Pulverize the Sound е трио составено од силно соработливата, хибридна, плодна сцена на њујоршки експерименталисти: Питер Еванс на труба, Тим Дал на електричен бас/електроника и Шејна Данкелман на тапани и ударни инструменти. Сите тројца членови имаат соработувано со разноразни музичари од сите видови жанрови, меѓу кои и Лидија Линч, Еван Паркер, „Child Abuse“, Арчи Шеп, Xiu Xiu, Крег Тејборн, Визел Волтер и Мик Бар. Од 2010 година триото работи на беспоштедно експериментален пристап кон компонирањето, импровизацијата и темброт, свирејќи развлечени хипермодернистички партитури што ги напишале и аранжирале сите три члена. Музиката е далеку од кој било препознатлив жанр и вклучува, но не се сведува само на, компактни, прецизно изведени нумери, остри звучни ѕидови, тишина, импровизација и мотиви што се повторуваат. Pulverize the Sound создадоа естетика неповрзана со вообичаените практични размисли на група што е извонредно дури и за нејзините три члена. Групата успеа да го привлече вниманието со свирење музика што е екстремна на секој можен начин: брзината, гласноста, темброт и колективниот наплив ја преминуваат границата кон непознатото. Нивното истоимено предизвикувачко и револуционерно деби во 2015 година го издаде дискографската куќа „Relative Pitch“. Групата редовно вежба и настапува и постојано се појавуваше на репертоарите на оплакуваните бруклински клубови како „Zebulon“ и „Death by Audio“, покрај настапите на поголемите фестивали ширум светот.
Наградуваниот француски саксофонист и вокалист Томас де Пуркери е познат по својата дејност како фронтмен во квинтет со тромбонистот Даниел Зимерман и како пејач во рок-групата Rigolus. Со години Томас де Пуркери ја преведува музиката на Сан Ра во сегашноста. Во 2012 година го основа секстетот Supersonic, беспримерна средба на шест музичари со различни и богати потекла и стилови, со цел да го обработи возвишениот репертоар на Сан Ра. Иако музичарите се развиле преку современата музика, рокот, електрониката и „драм енд бејс“, тие се пред сè џез инструменталисти со заедничка љубов кон трансот, мелодијата и импровизацијата. Тоа е суштината на музиката што ја изведува оваа група. Supersonic обединува песни што имаат универзална димензија што им се обраќа на сите. Далеку од омаж или имитација, музиката на групата ја раскажува нивната уникатна приказна преку овој извонредно идиосинкретичен материјал на маестралниот фронтмен од Чикаго, кој тврдел дека е од Сатурн. Тоа е приказна на шест суперсонични музичари, предводени од најзагадочниот креативец на денешната француска музичка сцена. Посветеноста, совршенството и восхитот со кои Supersonic го обработуваат возвишениот и мистичен завет на Сан Ра постигнаа вртоглав успех во Франција, а на групата ѝ ја донесоа наградата за најдобар џез албум на годината.
Влезниците за фестивалот се достапни на продажните места на Југотон Рекордс, Македонски народен театар и онлајн на www.mktickets.mk.