Се јавува ли нова оска Москва-Анкара, која би можела да се претвори во сериозен предизвик и дури проблем за Западот? DW бара одговор на ова прашање по средбата меѓу Путин и Ердоган во Истанбул.

Најжешката меѓународна тема во моментов – конфликтот во Сирија – премина во втор план, по енергетиката. Турскиот претседател Ердоган го отвори 23-тиот Светски енергетски конгрес, чиј најважен гостин беше рускиот лидер Путин. Двајцата со Ердоган ја искористија трибината на форумот, за да направат важни декларации и да ја откријат визијата за иднината. Потоа се повлекоа на преговори и присуствуваа на потпишувањето на договорот за изградба на гасоводот “Турски поток”.
Што ги поврзува
На прв поглед изгледа дека Путин и Ердоган уште еднаш брзо се зближиле. Тоа е нивната трета средба во последните два месеци – по 9 август во Санкт Петербург и Г-20 во Кина. Покрај тоа двајцата спроведоа и два телефонски разговори, како што гласат официјалните соопштенија.
Се јавува ли нова оска меѓу Москва и Анкара, која би можела да се претвори во голем предизвик и дури проблем за Западот? Ова прашање занимава во моментов бројни политичари и аналитичари во ЕУ и НАТО. Одговорот гласи: категорично не! Најжешкиот денешен конфликт – оној во Сирија – двајцата претседатели, кои светските медиуми во последно време се почесто ги нарекуваат “царот” и “султанот”, фактички се противници. Нивните геополитички амбиции буквално се соочуваат челно во уништената од бомби Сирија.
Токму во позадината на оваа непријателство, турски ловци го соборија рускот бомбардер во реонот на турско-сириската граница во ноември 2015 година. Москва го искористи инцидентот, за да започне вистинска пропагандна и економска војна против Турција – историскиот непријател на Русија во Црноморскиот регион. Но што тогаш се случува во последните два месеци? Двајцата властодршци само открија дека антизападниот курс е поврзувачка алка и сега се обидуваат да ги закопаат терористите и да започнат нормализирање на билатералните односи. На нивната заедничка прес-конференција Путин најави итно укинување на забраната за увоз на турско овошје и зеленчук во Русија. Пред два месеци во Санкт Петербург рускиот лидер сеуште не беше подготвен на таков чекор.
Што се однесува до конфликтот во Сирија, во последниве недели двајцата лидери изгледа постигнале разбирање за најмалиот заеднички именител: Анкара ќе ја трпи руската поддршка за режимот на Асад и зголеменото руско воено присуство во Сирија, а Москва нема да протестира против турската офанзива во северните области на земјата. Пред медиумите двајцата претседатели користеа заеднички клишеа – на пример, дека треба да се прекинат крвопролевањата и да се дозволат хуманитарни конвои до Алепо. Но Путин повторно одвои повеќе време да ги кара Американците отколку да се концентрира на општите позиции со Турција.
Мераците на Ердоган
Многу повеќе време двајцата лидери посветија на енергетската тема, каде што се и најблиските допирни точки. Токму по неа беше одбележан и најголем напредок на средбата во Истанбул. Во присуство на Ердоган и Путин беше потпишан договорот за изградба на гасоводот “Турски поток” – по двегодишна подготовка и привремена криза во билатералните односи. Тој го предвидува положувањето на две цевки по дното на Црното Море – едната ќе го снабдува европскиот дел на Турција, а преку другата гасот ќе доаѓа до Грција и понатаму најверојатно до Италија. Ова е одлична вест за рускиот енергетски гигант “Газпром”, бидејќи објектот му дава нови можности. Но концернот треба да проголта и нешто непријатно: Путин се согласи на преференцијална цена на руските гасни испораки за Турција.
Потпишувањето на договорот е добра вест и за Грците, бидејќи изградбата на делот од објектот на грчка територија ќе отвори многу нови работни места. Веста сепак е лоша за Украинците: планот на Москва да го намали транзитот на руски гас преку Украина почнува да изгледа реален. Не се особено фасцинирани и Бугарите, кои многу сакаат нивната земја да стане дистрибутивен центар.
Изгледа дека Ердоган повторно се интересира за енергетската проблематика – и Путин го поддржува. Пред Светскиот енергетски конгрес турскиот водач дури даде барање за транзит на гас од Туркменистан во неговата земја и најави дека Турција работи и врз трет проект за нуклеарката, со чија помош ќе покрие до 10 отсто од своите енергетски потреби.
Како што е познато, токму Русија ќе ја гради првата турска нуклеарна централа “Акјују”. Путин е особено горд на тоа. Тој демонстративно продолжува да се залага на фосилните извори на енергија и на нуклеарната енергија, а воопшто не се интересира за обновливи извори. И недвосмислено го покажа во Истанбул. По ова прашање Путин гледа во турскиот претседател Ердоган свој истомисленик и партнер. И ако навистина станеме сведоци на нова оска меѓу нив, таа ќе има енергетско-политички карактер.