Ако сте гневни или вознемирени, ќе е подобро да се смирите пред да преминете на интензивно одење, редовна гимнастика дома или тренинг. Ако човек е под стрес или лут, физичкото оптоварување го зголемува ризикот од инфаркт до еден час, покажуваат резултатите од меѓународно истражување, цитирано од американските медиуми.

Физичките вежби во принцип се противотров против стресот и можат да придонесат за спречување на срцеви заболувања. Новото истражување, сепак наведнува на мислата дека има посоодветно и несоодветно време за вежбање и дека ексцесите можат да предизвикаат штета.
Претходните истражувања го фокусираа вниманието на гневот и загриженоста како фактори кои можат да предизвикаат срцев удар. Повеќето од истражувањата беа мали и извршени во една земја. Новото истражување е направено во 52 земји од научници од Универзитетот во Хамилтон, Онтарио. Тоа опфатило 12 461 лица, кои поминале прв инфаркт. Три четвртини од нив се мажи.
Истражувањето покажало дека гневот и анксиозноста го удвојат ризикот од симптоми на инфаркт до еден час. А комбинацијата на гнев и анксиозност со физичко оптоварување, во исто време, го зголемува повеќе од три пати ризикот од инфаркт.
Овој ризик бил најголем меѓу 18 ч. и полноќ, независно од влијанието на други фактори, како пушење, висок крвен притисок и дебелината.
Резултатите од истражувањето се објавени во Circulation.