Помеѓу илјадниците е-маил преписки украдени од приватната пошта на шефот на кампањата на Хилари Клинтон, Џон Подеста, Викиликс вчера објави и една што се однесува на Македонија, пренесе СДК.МК
Во преписката помеѓу Џон Подеста и Џејк Саливен, советник за надворешна политика за претседателската кампања на Хилари Клинтон, со датум од 21 јули 2015 година, се споменува барањето на тогашниот премиер Никола Груевски да биде поканет на собирот на Клинтоновата Глобална иницијатива (организирана од Клинтоновата Фондација формирана од поранешниот претседател на САД Бил Клинтон). Годишните собири на Клинтоновата фондација се одржуваат во септември во Њујорк и главно се поклопуваат со деновите кога се отвараат годишните сесии на Генералното собрание на ОН. Редовен учесник на овие собири на Клинтоновата иницијатива е поранешниот претседател на Македонија Бранко Црвенковски.
Подеста и Саливен споделуваат информација од политички советник во Фондацијата на Клинтонови.
Тој ги информира дека некој од Кабинетот на премиерот на Македонија побарале да го поканат премиерот да учествува на Собирот, но тие не го поканиле бидејќи „тој веројатно ќе се повлече во јануари поради значајни притисоци“.
Во преписката се додава дека „Чарли Купчан препорачува избегнување“.
Чарлс Купчан е специјален помошник на претседателот Обама и виш директор за европски работи во Националниот совет за безбедност на Белата куќа. Тој на 15 април оваа година беше во Скопје и според соопштенијата од партиите, се сретна со четирите лидери – потписници на Договорот од Пржино.
Повеќе тука