Промоција на новиот број на списанието Форум Аналитика

од desk3
110 прегледи

Денеска, со почеток во 12 часот, во Кино Култура се одржа свечена промоција на новиот број на списанието Форум Аналитика, чие обновеното издание беше проследено со дебата на тема „Протести“ и изложба на фотографии од авторот Александар Кондев.

На настанот присуствува голем број на граѓани, активисти, како и пријатели на  редакцијата на Форум Аналитика. Додека на дебатата свое учество земаа: Сашо Орданоски, Мариглен Демири, Искра Гешоска, Ризван Сулејмани, Бојан Иванов, Златко Теодосиевски, како и Ѓунер Исмаил.

„Кога во 1997 го издадовме првиот број на Форум Аналитика, заедно со една од најзначајните личности на македонската политичка транзиција и македонскиот демократски еснафлук, Ѓунер Исмаил, амбициите ни беа големи. Списанието го замисливме како тримесечно издание за пласирање на идеи и анализи кои ќе одат подалеку од весникарските колумни, но нема да бидат научни сепарати на зададените теми. Тогашната општествена дебата беше динамична, полемична, но и оптимистичка и конструктивна. Сакавме да ја одразиме таа жива мислечка сцена, како што напишавме и во воведот на првиот број на Форум Аналитика: “Поради специфичноста на македонскиот транзиционен пат – кај нас, имено, покрај менувањето на општествениот систем, што само по себе е доволно тежок зафат, паралелно, под исклучително компликувани околности, во последната деценија се зацврстуваше и новата самостојна држава – мобилизацијата на општествените и социјалните слоеви, како и ангажманот во интелигенцијата, помина низ една особена државна и партиска контракција и интензивна регрутација, и во крајна линија, разбирливо висока политизација”.  Впрочем, погледнете ја тогашната “средба” на автори, во првиот број на Аналитика (од декември 97/јануари98): Наташа Габер, Анета Јовевска, Љубомир Д. Фрчкоски, Ферид Мухиќ, Ило Трајковски, Михајло Пoповски, Владо Поповски, Ѓорѓи Кимов, Атанас Вангелов и Димитар Мирчев.

Во наредните дваесетина години издадовме уште десетина броеви на Форум Аналитика, прилично нередовно, но секогаш во фокусот на тогашната општествена дебата важна за Македонија, а најчесто како најава за она што мислевме дека треба да се дебатира во македонската јавна општествена сфера – на пример изборните модели и граѓанската демократија (1997), статусот и развојот на цивилното општество во Македонија (1998), проблемот на националното помирување (2002/03), важноста од изградбата на Коридорот 8 (2005), проблемите на македонската надворешна политика (2006) и македонските перспективи во НАТО (2006), појавата на популизмот (2007) и аспектите на мултикултурализмот (2007), како и Косово и перспективите на регионот (2008). Стотина автори за првите десетина години.

Потоа, од 2008 година до денес, не успеавме да најдеме финансиска поддршка, а можеби ни доволно да се мотивираме, да издадеме барем уште некој број од Форум Аналитика, а и критичката мисла во меѓувреме стана прашање на ризичен граѓански отпор. Во изминатите седум-осум години, просторот за дебата во македонската јавна сфера стана вистинско воено поле за напад и одбрана на демократијата, крик за слободата на говорот и демонстрација во поддршка на слободната, критичка мисла.

Сега, можеби повеќе од кога било, е време да продолжиме со Форум Аналитика. Темата сама се наметна: граѓанските протести. Меѓу авторите преовладуваат оние кои разбираат што е граѓанскиот активизам, можеби затоа што својот интелектуален и политички ангажман знаеја да го изразат и на самата улица, во густите редови на македонските граѓански протести. Се разбира, изборот на нашите автори не претендира да биде сеопфатен пресек на она што го претставуваше будењето на општествените движења во Македонија, но се надеваме дека се доволен поттик за натамошни обмислувања и вреднувања на граѓанскиот ангажман, сега и овде.

Значаен придонес во овој број на Форум Аналитика се фотографиите на Александар Кондев, доајенот на македонската фотографија, кој со својот особен стил го овековечи граѓанскиот крик на македонските улици“-Сашо Орданоски и Зоран Бојаровски, уредници на Форум Аналитика.