Државата не води грижа за археолошкиот локалитет „Tauresium“

од Vladimir Zorba
192 прегледи

 

Писмо на читател до рубриката Граѓански:

gradishte

Со оглед на тоа што Министерството за култура не одговара на мојот мејл кој им беше пратен со цел да дознаам зошто овој значаен археолошки локалитет е запуштен повеќе од 3 години и полека, но сигурно се уништува, Ви праќам мејл со цел да се актуелизира оваа ситуација и да се превземе нешто од страна на надлежните институции како би се зачувало и она што е останато. Се надевам дека ќе ја споделите оваа информација и ќе помогнете во процесот на зачувување на македонското културно наследство.

Археолошкиот локалитет „Tauresium“, родното место на Византијскиот император Јустинијан, се наоѓа на 20 километри од Скопје, во селото Таор.
Значењето на Јустинијан е огромно и не треба посебно да се објаснува за ова. Доволно е да се напомене дека ја има направено првата кодификација на правото, а во рамки на проектот „Скопје 2014“ беше подигнат споменик во негова чест на Плоштадот Македонија поради неговото значење во светската историја.
Сепак, државата заборава на она што ја носи историската и културната вредност на фактот дека Јустинијан потекнува од селото Таор, а тоа е токму овој археолошки локалитет „Tauresium“.
Доколку некој сака да го посети овој локалитет, ќе треба малку да побрза пред негрижата на државата комплетно да го уништи.
Она што е најалармантно е фактот дека ископините се обраснати со трева, изложени на постојани атмосферски влијанија и оштетувања, теренот не е соодветно уреден и локалитетот полека но сигурно оди кон целосно уништување. Состојбата е ваква најмалку 3 години и нема ниту еден знак кој ќе даде и најмала надеж дека државата е спремна да се грижи за зачувувањето на овој локалитет.
Второ, патот (ако воопшто може тоа да се нарече пат, со оглед на огромните дупки кои ги има) од селото до самиот локалитет е во очајна состојба. До некаде на патот има ивичњаци и знаеме дека се движиме барем на некаков пат, но ивичњаците ги снемува кога се врти накај локалитетот. Понатаму се продолжува по треви и запуштен терен.
Трето, никаде во селото ниту на патот кон селото, нема патоказна табла или било каква табла која упатува на постоење на значаен археолошки локалитет. До пред некое време постоеше мала табличка на која пишуваше само Tauresium, без притоа да се дава било какво појаснување што всушност значи тоа Tauresium, но сега и таа мала табличка ја нема и многу е веројатно некој да помине низ селото и воопшто да не знае и да не го посети локалитетот.

Лицемерно и срамно е од една страна да се вложуваат огромни средства за рекламни кампањи како „Истражи ја Македонија“ или „Мојата чудесна земја Македонија“, а истовремено на само 20 километри од Скопје да имаме ситуација во која археолошки локалитет значаен по својата историска и културна вредност е оставен да пропаѓа.

Ако сме искрени во патриотските чувства и љубовта кон државата, ако сме искрени во нашата намера да се зачуваат сите културни посебности на Македонија и да ја афирмираме како земја која постоела многу одамна, мора да се превземе нешто и да се зачува тоа културно наследство за кое барем до сега знаеме.

12
Самите слики направени на локалитетот покажуваат во каква очајна состојба се наоѓа тој, и колку државата го цени и е подготвена да се грижи за зачувување на културното богатство.

За да се види колку овој локалитет е запуштен, Ви праќам и две слики од Википедиа кои се сликани брзо по завршувањето на ископите. 16

На мојот мејл испратен до Министерството за култура од ден 09.10.2016 па се до денес нема никаков одговор, а неопходно е итно реагирање во насока на зачувување на овој археолошки локалитет.