Слабиот режим на „стабилната нестабилност” во БиХ наскоро може да заврши со нови судири
Со озаконувањето на федералните единици со хрватското мнозинство Бошњаците доживуваат загуба на својата територија и на тоа гледаат како на создавање на нормативни претпоставки за потенцијална хрватска сецесија

Глобус – Загреб
Соочена со противколонијално движење и меѓуопштински судири кои се повеќе наликуваа на граѓанска војна, Велика Британија одлучи на својата крунска колонија Кипар да и дарува независност. Иако кипарските Грци, кои се околу 78 отсто од жителите, уште во 1950 организирале плебисцит на кој 95,7 отсто гласачи се изјасниле за обединување со Грција,
Вестминстер изјавил дека не е нивен обичај да пренесуваат власт од една суверена држава на друга, од Велика Британија на Грција, туку на своите колонии им подарат државна независнот.
Во позадина на таквата одлука секако има подлабоки геополитички интереси. Република Кипар е прогласена во 1960 година како несакана државичка на кипарските Грци и Турци, во која централната бинационална власт опстана само три години. Турците беа 18 отсто од жители, но октроираниот Устав предвидуваше дека во Парламентот, Владата, полицијата и граѓанските служби мора да бидат 30 отсто, а во војската дури 40 отсто.
Добиле и потрпетседател на државата со незначително помали овластување од претседателските, како и свој Општински дом, кој заедно со грчкиот Општински дом, чинел еден вид втор дом на Парламентот.
Силно незадоволни од таквата политичка конструкција на малцинските Турци, Грцитие во 1963 година со „13 точки” на претседателот Макариос го суспендираа Уставот. На тоа кипарските Турци, со сесрдна воена, политичка и економска поддршка од Турција, одговорија со отпор, сецесија и воспоставување на Турска Република Северен Кипар, која аналитичарите де факто ја сметаат за држава.
Освен Грците и Турците, на Кипар тогаш живееле 3 до 4 отсто припадници на други верски и етнички групи. Уставот ги признал само ерменската, маронитската и римокатоличката група, која официјално е наречена латинска. Меѓу латините имало и потомци доселеници од Далмација, пред се од Дубровник.
Итрата Дубровничка Република некое време имала и свој конзулат во Ларнака, а нејзината улога во островската трговија не била мала. Бидејќи Уставот признал само две политички конститутивни заедници, грчката и турската, припадниците на трите верски групи морале да изберат во која од нив две ќе се вклучат
Поради тоа во 1960 година бил организиран референдум на кои одлучувале дали ќе се приклучат на грчката или на турската заедница. Речиси сите припадници на ерменската, латинската и маронитската група, значи православни и католички христијани, се одлучиле да бидат дел од христијанската заедница: така гласале 1.077 Ерменци, а 5 биле против, 1.046 маронити, а никој не бил против, како и 322 латини, а 1 бил против. Ромите, кои официјално биле нарекувани Цигани, никој ништо не ги прашал, туку едноставно биле запишани во турската заедница.
Кога ерменските, маронитските и латинските христијани се одлучиле да бидат дел од грчката заедница, добиле еднакви политички права како Грците, па можеле да учествуваат во изборот на грчки претседател на државата и на грчки пратеници во Парламентот, како и да парципираат во грчките квоти во војската, полицијата и јавната администрација. Претворени биле во политички Грци. Трите верски групи, додуша, имале право да изберат по еден претставник во Парламентот, но тие немале право на расправа ниту да гласаат, туку само биле консултирани за прашања кои директно се однесувале на нив.
Имале статус на парламентарни набљудувачи: гледај, слушај и молчи. Британските конституционалисти констатирале дека таквите уставни клаузули не биле либерални и демократски, но имале практична причина за функционирање на Кипар, бидејќи така законски бил избегнат проблемот од мултикомунализам. Згодно, нема што.
Кога новата водечка либерална велесила го кроеше Уставот на БиХ во 1995 година во својата воена база Дејтон, почести третина предвоено население, Србите, со половина државна територија и посебен политички ентитет, Република Српска, која Србите ја создадоа во војната и де факто ја сметаа за држава.
На Американците им дадоа до знаење дека треба добро да се поткупат за да „се вратат” во БиХ. Така и беше. На половона од предвоената територија основана уште во 1994 година во Вашингтон, под силен притисок на американските власти над Туѓман, босанско-хрватската Федерација како парцијална држава на која подоцна ќе i се приклучи Република Српска. Сето тоа мирисаше на катастрофа. Но, луѓето беа среќни што е крај на смртта, крај на стравот и бедата, па мировниот договор го дочекаа со раширени раце.
Дејтонскиот Устав го призна конститутивниот политички статус на Бошњанците, Србите и Хрватите, но кон припадниците на останатите етнички заедници беше многу полиберален од кипарскиот.
Според предвоениот попис на населението во 1991 година, во БиХ живееле 7,7 отсто припадници на други заедници, најмногу Југословени, Роми, Албанци и Евреи. Веќе во 1995 година беше јасно дека етничкиот состав на населението од темел се промени: Југословените исчезнаа, Евреите се иселија во Израел, а други се разбегаа кај можеа. Пописот на населението во 2013 година покажа дека „останатите” спаднаа на 3,7 отсто, како на Кипар во 1960 година.
Сепак, никогаш не се помислувало на примена на кипарскиот модел па никој од „останатите” не беше принудуван да се запишува во конститутивните народи. На изборите за државните и ентитетските парламенти добија активно и пасивно гласачко право и можеа да основаат сопствени партии и да се тркаат за пратенички места на нивните изборни листи.
Но, на изборите за тричленото Претседателство добија само активно, но не и пасивно право на глас: можеа да гласаат за кандидати Бошњаци, Срби и Хрвати, но не можеа сами да се кандидираат бидејќи тие места уставно беа резервирани за претставниците на трите конститутивни народи.
Да не заборавиме, во седумчленото Претседателство во БиХ во 1990 година „останатите” избраа свој претставник, Југословенот Ејуп Граниќ, кој набрзо се декларираше како Муслиман т.е. Бошњак.
За критичарите на дејтонскиот Устав и заговорниците за правата на „останатите”, кои стануваа се погласни колку што беа помалубројни, тоа стана клучен доказ за политичка нееднаквост на граѓаните на БиХ и недемократија на целиот уставно-политички проект. Врз тој основ лидерите на ромската и еврејската заедница, Дерво Сејдиќ и Јакоб Финци, упатија тужба до Евроспкиот суд за човекови права во Стразбур.
Судот на 22 декември 2009 година со мнозинство гласови донесе пресуда, според која, начинот на изборот на Претседателството на БиХ ја крши Европската конвенција за човекови права која забранува етничка и секоја друга дискриминација на луѓе и нареди на БиХ да го реши тој проблем.
Набрзо ќе бидат седум полни години од пресудата, а проблемот се уште не е решен. Ако на тоа се додаде и политичката криза која ја предизвика „случајот Комшиќ” – изборот на хрватски член на Претседателството Жељко Комшиќ, со гласовите на Бошњаците во 2006 и 2010 година, политичката и научната јавност во БиХ и надвор од неа беше фокусирана на реформите на Претседателството на БиХ.
Се нудеа многу различни решенија: од конвенционална парламентаризација на политичкиот систем со церемонијална фигура на претседател на државата, до избор на членови на Претседателството според правилото на пондерирана геометриска средина со трет корен на подрачјето на цела држава. Не е шега, навистина се нудат и такви решенија.
Но, проблемот би можел лесно да се реши на два начина. Првото решение е темелна промена на уставниот статус на Претседателството, така што тричлениот колективен орган би се свел на еден претседател на државата со церемонијално овластување кое согласно на тоа, би се бирал во централен државен Парламент според начело на ротација: по две години мандат на бошњачки, српски и хрватски претставник, а кога Судот така бара, па и претставник на „останатите”. За тоа е потребна само силна доза на политичка рационалност и кооперативност на политичките елити.
Второто решение е претворање на Претседателството од претставнички орган на три конститутивни заедници во претставничк орган на етничките федерални единици. Членовите на Претседателството повеќе не би бирале Бошњанци, Срби и Хрвати како корпоративни етнички гласачки тела, туку сите граѓани во етничките федерални единици. Согласно тоа, членовите на Претседателството формално повеќе не би ги претставувале само Бошњаците, Србите и Хрватите, туку сите граѓани на федералните единици во кои се избрани.
А тоа значи дека за местата во Претседателството можат да се кандидираат сите граѓани на дотичните федерални единици, независно од националната припадност. Начелно е замисливо на пример во бошњачките федерални единици во Претседателството да биде избран Хрват. Бошњаците веќе два пати покажаа дека сакаат да гласаат за хрватски кандидат. А Хрватите и Србите можат да изберат Евреин или некој друг.
Повеќе не би било пресудно тоа како некој номинално се изјаснува, туку кој го бира, па на пример, секој кој би бил избран од мнозинството во хрватските федерални единици би бил легитимен претставник на Хрватите. Сепак, ниту едно од тие политички разумни решенија нема да биде прифатено.
Изборот на членовите на Претседателството во државниот Парламент го отфрлаат Србите, бидејќи не сакаат да се откажат од правото сами директно да бираат свој претставник и се против тоа било кое овластување на Република Српска да го пренесат на БиХ.
Изборот на членовите на Претседателството во етничките федерални единици го отфрлаат и Бошњаците кои не сакаат нерационалната Федерација со десет фиктивно етнички мешани кантони да се преуреди во федерација со две или четири етнички федерални единици: по една територијално компактна поголем и по една помала бошњачка (во западнобосанската енклава) и хрватска (во посавската енклава).
Озаконувањето на федерални единици со хрватско мнозинство, Бошњаците го доживуваат како загуба на својата територија и на тоа гледаат како на создавање на нормативни претпоставки за потенцијална хрватска сецесија. Но, слабиот режим на „стабилната нестабилност”, кој е на дело во БиХ од 1995 година, се повеќе еродира и во догледно време, ако не се преземе ништо, може да заврши со нови судири./МИА