На паркингот пред ТЦ Зебра во Капиштец, здружението на граѓани „Вистински дела на љубезност“ денес организира собирен пункт за хуманитарна помош за бездомници и деца од улица. Акцијата почна во 10 часот, а ќе трае до 20 часот вечер.

Граѓаните донираат зимска облека и обувки, ќебиња, храна, средства за хигиена и средства за чистење. Собраната помош е наменета за бездомници, социјално загрозени семејства и самохрани мајки, како и поплавените семејства од скопскиот регион. Дел од помошта ќе биде даден и во Дневниот центар за деца од улица во Шуто Оризари.
Денешниот настан е последен од серијата пунктови „Есенско собирање донации“ што „Вистински дела на љубезност“ ја организираше во текот на октомври и ноември на повеќе места низ Скопје.
Во текот на август, здружението беше активно вклучено во независната иницијатива за хумантарна помош по поплавите.