Не постои политичар на овој свет кој моментално има поголемо влијание на светската политика од рускиот претседател Владимир Путин. 
Во Сирија, руската воена интервенција направи пресврт во дотогашниот тек на настаните, кој водеше кон пад на режимот на Башар ал-Асад и се поголемата доминација на Исламската држава. Воедно, силите на опозицијата, кои ги финансира Пентагон, од офанзива беа принудени на целосно повлекување. Според последните извештаи од Сирија, бунтовниците дури почнаа да вртат грб на Америка и покренаа интензивни преговори со Русија, во обид да спасат што може да се спаси. Главниот посредник во разговорите е Турција, која од омразен непријател стана цврст партнер на Москва, откако Реџеп Тајип Ердоган се извини на Владимир Путин.
Во Европа, Владимир Путин распореди нуклеарни проектили во руската ексклава Калињинград, поранешен пруски град Кенигсберг. Градот низ чии улици орано одел познатиот филозоф Емануел Кант, денес е руска нуклеарна база во срцето на НАТО пактот и воедно ас во ракавот на Путин со кој на Алијансата порачува дека опколувањето на Русија може да биде многу опасно.
Изврши анексија на Крим, легитимен дел на државата Украина, повикувајќи се на „историска правда” и заштита на „мнозинското руско население кое живее таму”. Отворено се спротивстави на ЕУ, Америка и НАТО, кои освен санкциите и јавните критики не можеа да направат ништо за да ги спречат плановите на Путин.
Со своите потези Владимир Путин дури стекна и симпатии на Запад и тоа не малубројни. Новиот избран претседател на САД Доналд Трамп го фали, го нарекува голем и способен лидер и дури најавува дека целосно ќе му ја препушти палката на Блискиот исток. Покрај тоа, Трамп отворено ги критикува членките на НАТО, внесувајќи загриженост и раздор во воениот блок, кој во очите на западниот свет и медиумите е „главен заштитник од агресија од страна на Русија”.
Покрај Трамп, своето воодушевување кон рускиот претседател не го крие ни унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој наспроти критиките на ЕУ склучува добри деловни договори со Русија, нарекувајќи ја „природен сојузник”.
Во Франција, неколку месеци пред претседателските избори, главниот фаворит за победа е Франсоа Фијон, кој отворено се залага за укинување на санкциите кон Русија и заговара потесна соработка, посебно по прашањето за борбата против ИСИС во Сирија.
Путин не остана имун на поддршката, тоа Фијон го нарече „вистински професионалец и многу принципиелен човек”.
Сигурно е дека најголемиот добитник од изборите во Франција ќе биде токму Владимир Путин. Бидејќи, најголемиот ривал на Фијон е десницата од Националниот фронт, кој ја предводи Марин Ле Пен, уште една обожавателка на ликот и делото на рускиот претседател.
– Путин се грижи за интересите на својата држава и го брани идентитетот на својот народ. Тоа се дела вредни за восхит, зборуваше Ле Пен.
Така втората најмоќна земја и прва воена сила во ЕУ ќе добие лидер кој ќе биде наклонет кон рускиот претседател, истакнува магазинот „New statesman”.
Ако фрлиме поглед на Велика Британија, која минатиот јуни и сама зададе силен удар на ЕУ, еден од креаторите на Брегзитот Најџел Фараж на чело на УКИП го замени Пол Нутал. Во своето обраќање, Нутал меѓу другото изјави:
– Путин врши одлична работа во Сирија. Навистина му оди многу добро.
Така продолжи таму каде што застана неговиот претходник Фараж, кој за рускиот претседател рече дека е „државник кој најмногу го цени”.
Од друга страна, Русија не е во најдобра економска состојба. Санкциите од Западот земаа замав и го истоштија стопанството. Интервенциите во Сирија се многу скапи, а Путин се труди дупките во буџетот да ги намали со се поголема соработка со Кина и Индија. Исто така, Путин го критикуваат многу организации за човекови права, наведувајќи дека Русија врши злосторства во Сирија.
Сепак, наспроти тоа, се стекнува впечаток дека Владимир Путин е еден од политичарите со најдобар публицитет во светот, бидејќи добива поддршка дури и од јадрото кое го критикува најмногу, а тоа се ЕУ и САД.