Општина Центар нема да ја откаже прославата за дочек на Нова година на Сквер Јадран, поради веќе склучените договори со артистите, информираше градоначалникот на општината, Андреј Жерновски, на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека покрај забавниот дел, настанот ќе има и хуманитарен карактер, со тоа што секој граѓанин и фирма ќе можат да донираат за граѓаните од најранливите категории.
Жерновски истакна дека правниот тим на Општината ги разгледал договорите со изведувачите што треба да настапат на прославата и заклучил дека нивното раскинување ќе предизвика сериозни финансиски последици.
– Заради откажувањето на настапите, ќе треба да ги исплатиме парите во целост, без разлика што изведувачите нема да го одржат новогодишниот настан. Ова е нелогично и нема да донесе никаква придобивка. Можноста да се пренаменат тие средства за идејата што постои и која ја разбирам апсолутно, сега е исклучително тешка. Дел од граѓаните се за тоа да се откаже концертот поради иницијативата, а дел се за тоа да се одржи новогодишниот концерт. Од тие причини, успеавме да најдеме едно компромисно решение. Од денеска, тој новогодишен настан нема да има само забавен, туку ќе има и хуманитарен карактер, затоа што тоа ќе се претвори во донаторски проект, каде што сите граѓани и фирми ќе можат да донираат за оние категории граѓани кои се најранливи – рече Жерновски.
Тој додаде дека први што потврдиле дека ќе донираат биле самите изведувачи, кои, како што рече Жерновски, ќе издвојат 600.000 денари (околу 10.000 евра, н.з.) од својот хонорар за настапот.
– Очекувам овој пример да го следат и граѓаните. На самиот настан ќе може секој да донира пари, а активностите и можностите за донирање ќе ги објавиме во следните денови. Верувам дека на крајот ќе дојдеме до висока сума средства, која би била блиску до таа што Општината ја издвојува за организација на самиот настан – рече Жерновски.
Инаку, Град Скопје и Оштина Битола веќе ги откажа прославите за Нова година на централните градски плоштади, а парите наменети за нив ќе ги пренаменат за хуманитарни цели.
По најавата дека Град Скопје ќе ја откаже новогодишната забава на плоштадот и дека средствата ќе ги донира во хуманитарни цели, првиот човек на „Авалон продукција“, Бобан Милошески, на својот профил на „Фејсбук“ напиша дека ќе го тужат Град Скопје и ќе бараат целосно да бидат исплатени сите трошоци. По ова од „Авалон продукција“ испратија и официјално соопштение, во кое се вели дека нема да го тужат Град Скопје ако сите инволвирани во проектот кои требаше да настапат за новогодишната ноќ сметаат дека не треба да бидат обесштетени.
МЕТА