Повеќе од два часа над двеста автомобили меѓу кои и товарни возила се заглавени на автопатот кој води од Велес кон Скопје. Возачите се жалат дека е формирана долга колона од возила и дека не можат да ги поместат ниту еден метар, затоа што автопатот е затрупан со снег.
„Јас сум пред првата патарина од Велес накај Скопје, спуштена е рампата, нема ни напред ни назад. Луѓето вработени на патарина ни рекоа дека причина за застојот се два камиони и една цистерна кои се излизгале на снегот и дека најверојатно за жал ќе си постоиме тука уште долго време, вели во изјава за Радио Слободна Европа, возач кој е заглавен во колоната возила на автопатот Велес- Скопје.
Од друга страна, пак,од АМСМ во писменото известување на нивната интернет страница велат дека сообраќајот на патните правци Скопје – Велес и Велес- Скопје се одвива отежнато и по само една коловозна лента. На патниот правец Скопје- Велес е воведена забрана за товарни возила.
Последната информација од Македонија пат е дека сообраќајот на државните патишта се одвива отежнато и дека нивните екипи се на терен и ги оддржуваат проодни сите патни правци. Од таму апелираа на внимателно возење.
Забрани за сообраќај има на планински превој Стража,Маврово,Пресека, Ѓавато ,Буково и К.Паланка – граничен премин Деве Баир.
Претходно беше во прекин сообраќајот на патните правци Кавадарци- Неготино и Охрид- Ресен, поради превртени тешки моторни возила, но сега како што велат надлежните сообраќајот на таа делница е нормализира.
На патниот правец Струмица – Валандово поради излизгано тешко моторно возило, сообраќајот се одвива наизменично по една коловозна лента./РСЕ