Кога министерот за надворешни работи, Никола Попоски (или беше пратеник, не се сеќавам повеќе), го давал интервјуто за оној опскурен италијански весник со прилично македонско име (La Verita, „Вистина“), веројатно процесот на десоросоизацијата уште не бил започнат, па пратеникот вели, апелира, вика, напросто крикнува, Сорос да престане да ја дестабилизира Македонија.
Просто ми заличи на Зола и на неговото „Обвинувам“. Оваа споредба не е претерана. Не само затоа што и Драјфус и Сорос имаат еврејско потекло туку повеќе глобалниот импакт што го предизвика оваа објава на министерот-пратеник. Апелот веднаш го слушнаа нашинците од Њујорк и му се нацртаа на идниот претседател на САД Доналд Трамп пред онаа негова многукатна куќа. Претпоставувам дека, во духот на десоросоизациската традиција, му ја испеаја и онаа коледарско-вмровско-српска песна: „Излези Доналд на тераса, да ја видиш Гоцевата раса“.