Бездомник од ерменско потекло, кој западнал во ќор-сокак, го најде својот ангел чувар во лицето на еден од ангелите на “Викторијас Сикрет”, соопшти руската агенција Sputnik.
Познатата манекенка Ксенија Дели донираше 1 милион рубљи за да му помогне на Михаил. Така тој ќе може да си купи стан откако 28 години спиел на улицата.
68-годишниот белобрад Михаил е познат во Краснодар како Чичко Миша. Тој е страствен обожавател на спортот и нешто како талисман за локалните тимови. Не пропушта фудбалски, кошаркарски и одбојкарски натпревари, на кои може да влезе без билет. Малкумина сепак знаеле низ што поминал низ животот.
Во 1989 година требало да го напушти својот дом во главниот град на Азербејџан Баку поради конфликтот во Нагорно Карабах. Војната таму му одзела сè. Михаил избегал во јужниот руски регион Кубан, а потоа се преселил во Краснодар каде се издржал со продавање овошје на пазарот.
Тој не добил пензија, бидејќи документите му биле изгубени во Баку. Историјата на Чичко Миша беше објавена во јавноста и во социјалните медиуми минатата есен, кога си барал засолниште, за да преживее во текот на зимата. Тогаш активисти ја почнуваат кампањата “Дом за Чичко Миша”, за да соберат средства за покрив над главата на бездомникот.
На 15 јануари активистите учествуваа во телевизиска емисија со надеж да се привлечат уште луѓе.
Тогаш познатата супермоделка Ксенија Дели ги изненади сите. 27-годишната молдавска убавица се појави во студиото и му даде на Миша плик со 1 милион рубљи (16 893 долари). Благодарение на Ксенија собраниот износ достигна 1 779 946 рубљи (малку над 30 000 долари), доволни за купување на стан. Сега активистите помагаат тој да се здобие со нови документи, да ги помине медицинските прегледи и да си најде соодветен дом.