(ВИДЕО) Веднаш да се преземат мерки за намалување на загаденоста на воздухот во Скопје, побара СДСМ

од desk2
116 прегледи

 

СДСМ денеска побара веднаш да се преземат мерки за намалување на загаденоста на воздухот во Скопје, откако вчера во Скопје беше измерено рекордно ниво на загадувањето на воздухот.

– Речиси 25 пати над дозволеното. Загадувањето на воздухот трае многу подолго од законски дозволените 10 дена, по што властите се обврзани да преземат мерки. Ниту градската, ниту централната власт досега немаат преземено апсолутно ништо. Ги нема ниту денеска, кога скопјани го дишат најотровниот воздух. Од сите злодела на режимот на Никола Груевски и на Коце Трајановски, негрижата за труењето на своите граѓани е едно од најголемите. Тоа е еднакво на геноцид – изјави Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ.

Манчевски рече дека во мај ќе заврши и узурпацијата на Коце Трајановски на градоначалничката функција во Скопје. Тој истакна дека новата влада ќе се зафати со решавање на проблемот со загадувањето на воздухот, преку гасификација на Скопје, обезбедување финансиски средства за бесплатен јавен превоз во деновите на екстремно загадување, субвенционирање на обновливи извори на енергија и греење за граѓаните, воведување на посебни сообраќајни режими, субвенционирање на енергетска изолација на постоечките објекти и субвенционирање на велосипеди за граѓаните на Скопје./Мета