Неколку дена пред доделувањето на „Греми“ наградите беше најавено дека ќе има меморијален дел во кој ќе биде отпеена песна во чест на Џорџ Мајкл, кој почина на Божиќ. Но, до самиот настап не се знаеше кој ќе биде изведувачот кој ќе му оддаде почит.
Одлуката на организаторите била тоа да биде неверојатната Адел, британската поп ѕвезда која триумфираше со 5 награди годинава на церемонијата, а таа ја испеа во нов аранжман неговата песна “Fastlove”.
Но, Адел, не би била Адел ако не ја носи сета емоција, спонтаност и искреност во себе. Таа запре на сред песна за да почне одново и рече:
„Извинете, не можам да го направам истото што и лани“, таа се извини на сцена и музиката запре по неа. „Се извинувам што пцујам, и се извинувам што ќе почнам одново. Знам дека ова е пренос во живо. Може ли ве молам да почнеме одново? Многу ми е жал. Не можам да го уништам ова за него. Се извинувам, не можам“.
Таа ја спомена минатата година мислејќи на нејзината изведба на хитот”All I Ask” на „Греми“ 2016 кога беше критикувана за треперливиот глас.
Моментот можете да го погледнете подолу.
И покрај неочекуваниот прекин, Адел беше пречекана со навивање и аплауз од публиката. Луѓето на Твитер, вклучувајќи и познати ѕвезди изразија поддршка и ја поздравија нејзината храброст.
Но, само секунда подоцна Адел докажа дека е неповторлива, таа се врати со полна сила и ја остави публиката (и себе) во солзи на крајот на настапот.