(ВИДЕО) СДСМ бара начин за одржување на парламентарна седница – на ДУИ не му се брза со влегување во Собранието

од desk2
112 прегледи

СДСМ и ДУИ деновиве ќе продолжат да се координираат за заеднички влез во Собранието и избор на нов собраниски претседател и нова влада, и покрај различните толкувања околу барањата од платформата на партиите на Албанците, информира Телма.

Од Социјалдемократскиот сојуз велат дека, дадените потписи не се повлекуваат, а одлуката да формираат влада со ДУИ е конечна. Сепак, велат дека нема да брзаат со влегувањето во Собранието, и ќе ја почекаат одлуката на претседателот Иванов, кому му дадоа дополнителен десет дневен рок, да му го додели мандатот на Заев.

За различните ставови со ДУИ, велат дека нема потреба да се дообјаснуваат, и дека остануваат на ставот кој го објави вчера Заев, дека, уставните експерти кои ги консултирале, им рекле дека, воведувањето на двојазични банкноти и двојазични униформи на армијата и на полицијата, е противуставно.

Од ДУИ, пак, синоќа изјавија дека, експертите кои тие ги консултирале им потврдиле дека овие барања не се во спротивност со Уставот и дека, и покрај изјавата на Заев, ова нема да биде пречка за нивното партнерство во власта.

Преку соопштенија се обратија и партиите БЕСА и Алијанса на Албанците.

На прашањето, дали ќе се обидат да го спречат влегувањето на СДСМ и ДУИ во Собранието, со цел на тој начин да формираат влада, од ВМРО ДПМНЕ, одговорија дека тие го слушаат гласот на народот и ќе ги почитуваат Уставот и законите. За владината програма на СДСМ, велат дека, е уште една манипулација на Заев.

Од ВМРО ДПМНЕ, повторно побараа од Заев, да ја одбие платформата и да прифати малцинска влада,макар таа била и без партии на Албанците, а потоа да се распишат нови избори, на кои граѓаните ќе можат да се изјаснат и за владината програма на СДСМ. На ова, Социјалдемократите одговорија дека, единствено ВМРО ДПМНЕ не ја гледа програмата на новата влада, затоа што раководството на партијата има потреба да ја продлабочува политичката криза, како и дека, таа програма ја гарантира унитарноста на државата.

Единствено од кабинетот на Иванов и денеска молк. Нема одговор на повторното барање на Заев, да му го додели мандатот, а некои интернет портали излегоа со информација дека, тој за десетина дена ќе замине на пат во Австралија, со цел да го избегне засилениот меѓународен притисок./извор Телма