Мажи, оставајте ги партнерките да се наспијат!

од Vladimir Zorba
80 прегледи

 

На жените им треба повеќе сон отколку на мажите, и несоницата им се одразува лошо на работното место, утврди меѓународно истражување, цитирано во “Метро”.

Недоспаните дами се справуваат полошо од своите колеги од посилниот пол со когнитивните тестови , се чувствуваат изморени и имаат проблеми со концентрацијата и со меморијата. Резултатите од истражувањето на екипите од универзитетите во Кембриџ, во Хул и “Дјук” во Сингапур креваат тревога за дамите кои работат на смени.

Истото важи и за оние што патуваат на големи растојанија низ неколку часовни зони.

Истражувачите спроведоа експерименти со 34 волонтери од машки и од женски пол, коишто ги промениле вообичаените навики за спиење. Тие си легнувале во различно време и биле будени во различни периоди. Волонтерите требало да пополнат прашалници за тоа колку изморени се чувствуваат и тестови за да може да ги илустрираат когнитивните функции.

Жените се чувствувале многу полошо при нарушен сон и при променети деноноќни ритми. Тоа силно им се одразувало на хормоналното ниво. Мажите многу полесно ја поднесувале несоницата и се справувале подобро со тестовите.

Ноќните смени ги истрошиле многу повеќе претставничките на понежниот пол, отколку мажите. Поради оваа причина тие се подложени на многу поголем ризик од несреќи.

Домашните обврски и обврските на работното место ги тераат многу жени да спијат помалку во споредба со своите партнери, а тоа е многу штетно за нивното здравје.