Парадоксално, но СДСМ може да ја воведе земјата во вистинска криза, ако продолжи да се „фемка“, да одолговлекува, да покажува знаци на „процедурална заробеност и вкочанетост“, трошејќи ја огромната доверба дадена од 700.000 гласачи кои се недвосмислени победници на овие избори – за преземање на власта и формирање на влада.

Не е прифатливо ниту разбирливо да се чуе дека после последните зборови на Хорхе (?) на средбите со Туск, СДСМ од понеделник или вторник (што и да е), допрва ќе правеле „нова стратегија“ за во парламентот да го востоличи парламентарното мнозинство што го има?!
Ајде што е јадно вашата стратегија да зависи од нешто како изговорен збор или говор на Хорхе – таа деланка наша отпадната и нејзината пуста хемија. Тој, сиромашкиот, влегол во loving closeness со улогата на „татко на нацијата“, што некој го нарекува „драма на лошите ролји“ – кога личноста се поистоветува со лошото читање на сопствените можности и статус и се тече понатака условено од таа грешка и несоодветност: имено Хорхе како посебно тап и бесмислен „евент“ во политиката на ДПМНЕ. Тој евент решил да ја спасува државата од федерализација или така нешто. И изговара нешто, а СДСМ прави стратегии после неговите изговорени зборови?! О, Боже!
Доцна е другари за стратегии, допрва бре! Вие се наоѓате во виорот на преземање на власта и несериозно е да зборувате допрва за стратегии, што претпоставува дека сте влегле во операцијата без таква и резервна, како со грло во јагоди! Без проценка дека ова ќе се случува со блокадата на праламентот од страна на ДПМНЕ? Дека Велјановски ќе заседне со газот во столицата на претседавач и вие што? Ќе го молите? Дека ќе ја изложите јавноста на јадната и бедна позиција да ги слуша моронштините на ДПМНЕвските парламентарци и вашите дискусии со нив. Па тоа е јадно „другари“, тоа е срамно! Вие се однесувате како дилбер што на узурпаторот на вашиот автомобил ( кој заседнал на возачкото седиште) му велите: „Еве, ако сакаш, сврти уште едно кругче, еве до семафорите и врати ја колата те молам, таа е моја да си одам дома?! Наместо да го фатите за уши и да го извадите од вашата кола! Вељановски ке го фатите за ушите немиени и ќе го тргнете од седалото, ќе ја востоличите легитимно новата собраниска постава, а не да се глупирате со „почитување процедура“ која е во стартот прекршена (и давате изјави дека Вељановски бил нелегитимен! Па, секако дека е нелегитимен, но што правите Вие од парламантарното мнозинство во врска со тоа е вистинското прашање?)
Значи, драги мои другари СДСМовци, освен пенкалото за гласање ќе ни треба сепак и едно ‘’малку подебелко пенкало со јајца на крајот’’ – за превземање на власта која ни ја изгласале граѓаните.
Трагично е она шетање на Зоран Заев по разноразни провинциски обвинитеслтва – за да покаже… што? Дека ја почитува правната држава која ЈА НЕМА?
Зоран Заев наместо по обвинителските шупи кои го малтретираат јавно и отворено, ТРЕБА ДА ОДИ ВО ПАРЛАМЕНТОТ И ДА ФОРМИРА ВЛАДА – ДА ПРЕЗЕМЕ ОДГОВОРНОСТ!
Нема веќе место за изјави, статегии и говори. Срамота е веќе …и одвеќе !
Политички, меѓутоа СДСМ ризикува уште повеќе! Во политиката можат да ви простат се, но слабост и неодлучност никогаш. Во овие моменти се прекршува јавноста и домашна и светска, околу способноста на СДСМ да предводи. Ако таа партија покаже неспособност да ја преземе власта, се ќе се сврти против нив:
- Партнерите од албанските партии, бидејќи СДСМ се покажува како несаглам лидер кој не може да ги води до власт НИТУ КОГА ЈАСНО ПОБЕДИЛЕ (замислете да е погусто);
- Меѓународната заедница, независно од јасните симпатии кон СДСМ и новото мнозинство во еден момент ќе заклучи дека СДСМ нема сила да биде столб на таа реформска формација иако има јасно мнозинство и ќе почне да бара други решенија (голема коалициија е најблиското иако катастрофално решение за сите нас);
- Со ваквото двоумење СДСМ испраќа погрешни пораки кон своите политички противници ДПМНЕ, дека е сепак лесно да си „играат пипирефка’’ со ваков СДСМ и евтино да го блокираат, поништувајќи ги „бесплатно“ изборните резултати, воедно инстистирајќи на нови избори или на голема коалиција!? Тоа ги соколи наместо да ги инхибира криминалците во нивните редови!
- Сите институции на поредокот се во шок и блокада очекувајки потег, а не изјави и одлагање од политичарите. Сите прашања се на раб да експлодираат во незадоволство кон победниците!
- И конечно, гласачите, таа огромна маса народ која се определи за реформи, слобода, демократија за СДСМ Па не се човече супермени да издржуваат вакво малтретирање и гледање со неверување во својата партија што таа прави воопшто, зошто не го зеде она што и припаѓа, за што и изгласале победа? Немам впечаток дека партијата има чувство по кој раб во моментов чекори и кој ризик е во игра! Мора да покаже одлучност, план и храброст да ја преземе власта и разреши лажната криза која ја наметнува губитничкото малцинство со нелегитимна, антиуставна – пучистичка блокада на институциите.
Во секоја драма, драги мои, во и околу секој голем куп срање, секогаш се појавува зунзара или некое змивче кое со задовослтво се плетка и уплеткува низ го…. та. Имено се појавува Сава. Сега поткачен на скалило, со својот „баршунаст“ , малку „оцвал“ глас довикнува – само два метра сме до ….. ! За психоаналитичките слипувања на јазикот се ова „само два метра“, во некоја од следните колумни, немам сила за Сава денес.
Љубомир Д. Фрчкоски / Либертас.мк