Денеска е Велигден Воскресение Христово – Втор ден.

од Vladimir Zorba
132 прегледи

 

Велигден, или празникот на Христовото воскресение е дефинитивно најголемиот христијански празник. Страдалната седмица заврши со новиот ден, денот на воскресението.

Ние сме свикнале да ја делиме неделата на седум дена. Но, денес се установува тајната на осмиот ден, т.е. идниот ден, кој треба да дојде за никогаш да не заврши како што завршува секој ден на ова наше време.

Христовото станување од мртвите е потврда на сите негови зборови, на сите негови ветувања. Подоцна апостол Павле ќе зборува: Ако Христос не воскреснеше, ќе беше залудна вашата вера, ќе беа залудни вашите надежи, зашто ќе верувавте и ќе се надевавте напразно.

И навистина е така, бидејќи Христос не ветуваше привремена поправка на нашите животни услови, како што ветува на пример некој политичар, економист, кој ги проучил космичките закони па вешто се раководи според нив, туку ветуваше една сосема нова реалност, како креатор кој е моќен и способен да ја создаде таа реалност, поинаку кажано, како господар над животот и смртта.

Утрото на третиот ден од Христовата смрт до неговиот гроб дојдоа прво жените мироносици и ја најдоа тргната плочата што го затвораше гробот.

Внатре во гробот сретнаа еден пресветол ангел кој им ја кажа веста за Христовото воскресение. Оваа вест оттогаш секоја година ја објавува Црквата низ целиот свет, како најрадосна вест за целиот човечки род.

Обичаи и верувања   Велигденски песни од Мариово 

На Велигден кај нас се фаќаат на оро моми и невести и додека едни играат другите наредени во убава редица околу нив пејат. Движењето на пеачките е бавно и рамномерно. И пеењето е исто така бавно и монотоно, толку бавно што човек, ако претходно не ја знае песната, не може да и ја сфати смислата – не може одделно да слушне ниту еден нејзин збор, до толку повеќе што следи стих кога, за да се спаси тонскиот размер, последниот слог од еден збор се поврзува со порвиот од следниот.
На таков начин се добива само една бркотија од ниски и високи тонови и не се образуваат слоговни стапки, туку тонови што се разбира, пречат да се сфати смислата и на најпростиот збор.

Така една песна за да се испее до крај, треба да ја пеат задолжително цел ден. Секој слог, извикување или повишување на гласот, што е карактеристичен белег на таа песна, се придружува и од еден лесен удар на нозете при образувањето на чекорите. Целата верига од пејачки е разделена во групи во кои влегуваат најмалку по две, а најмногу по 4-5 лица. Кога целната група ќе испее еден стих, последниот се позема од следната и така се предава натаму докрај, додека не дојде ред на новиот стих. Овие песни што се одликуваат уште со извонредно бавно темпо, се нарекуваат велигденски и тие кај нас станале веќе пословични.

1.
Море Димче протуѓерче,
иди викај селаните,
в село дошле сејмените
да разгодат конаците,
кај дваица, кај троица,
руса Дона четворица.
Тамо ми е буљукбашот,
јагне печат, каве варат,
каве пијат, шикер зобат.
На Дона и говореа:
-Мори Доно, руса Доно,
ја постели на високо,
на високо на широко,
клади зглаве нависоко,
над зглавето бардак вода,
во бардакот киска цвеќе,
редко вода дас пиеме.

2.
– Еј Златковице невесто,
имате село големо,
в стред село вода студена,
имате одбор јунаци,
се одбор млади момчаци,
имате моми убави,
и црнооки невести,
и калешевци вдовици.
-Деј гиди, земски војвода,
наистина село големо,
встред село вода студена,
имаме одбор јунаци,
и црнооки невести,
и калешвици вдовици,
немаме моми убави,
угу сестрица Божана,
и таја ни е свршена
в’земенне келер ни седи.
-Еј Златковице невесто
ја ќе ти дада натдада
да м’ја Божана излажиш,
ја ќе ти купа сагија,
сагија од бугасија.
И Златковица невеста
бргу се назад поврати,
викна сестрица Божана:
-Излези, мори сестрице,
сестрице, бела Божано,
до високото буниште
да видиш чудо големо,
сите ми мртви станале,
сиви галаби кај носат,
бела пченица кај к’ват,
злато и стребро блувајат,
еве и јазе си набрав.
Тогај Божана с’излага,
излезе надвор до на двор,
на високото буниште.
Тогај ја Татар узело,
узело млада Божана.
Кај што Божана одеше,
црна се земја цепеше,
кај што Божана плачеше,
крвата роса росеше.
Според записите на Крсто Бинев Андонов