Американската амбасада во Македонија денес кусо реагираше на вчерашната тужба на невладината организација „Џудишл Воч“ против Стејт Департментот и Агенцијата УСАИД во Македонија. Во која се вели дека тужбата на „Џудишл Воч“ е помеѓу другото и барање за информации, а не е кривична тужба, објви Нова.
На веб-страницата на „Џудишл Воч“ пишува дека станува збор за тужба против Стејт Департментот и Агенцијата УСАИД во Македонија согласно Законот за слобода на информации заради податоци и комуникации во врска со финансирањето и политичките активности на Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
„Џудишл Воч“ го тужи Стејт Департментот поради тоа што не ѝ дал пристап до информации од јавен карактер согласно Законот за слобода на информации. Оваа организација, блиска до републиканците во САД, бара одговори од американската амбасада во Скопје и од Стејт Департментот за тоа како се трошеле парите на американските даночни обврзници преку програмата на УСАИД.
„Џудишл воч“ тврди дека фондацијата Отворено општество во Македонија добила околу 5 милиони долари за проекти од УСАИД во период од 4 години.
Американската амбасада во Скопје потсетува дека Владата на САД се залага за отвореност и транспарентност, а во тоа важна улога игра токму Законот за слобода на информации кој и дава право на јавноста да добие податоци за работата на владата.
Но во однос на самата тужба, Стејт Департментот нема да коментира се додека нема конечна судска одлука.