Околу 2.000 од потребните 10.000 потписи досега имаат собрано родителите на деца со посебни потреби, за да поднесат иницијатива до Собранието за измена на одредени закони за да им се олесни животот.Тие со своите деца три дена кампуваа во паркот Жена Борец спроти самото Собрание, но книгата за потписи и понатаму ќе биде на истото место.
77
По три дена поминати под отворено небо, родителите на децата со посебни потреби, вчера ги спакуваа шаторите и си заминаа од паркот „Жена борец“. Ќе кампуваат и следниот месец доколку нивните барања не се исполнат, но во меѓувреме велат дека нивната цел делумно е постигната со тоа што успеаја да им го привлечат вниманието на јавноста и политичарите.
„Важно е дека се појавивме и не видоа, добро е што и медиумите не видоа и покажуваат за што се бориме, а надлежните ќе почнат да размислуваат за ова.“ – вели Ѓорѓи Танев.
„Се бориме на институционален начин, но сметам дека некои работи ќе треба да се решат на други начини. Секој од нас, треба да дојдат и да дадат поддршка.“ – вели Лиса Баута Шакири.
Во последните часови пред да се спакуваат, во паркот „Жена борец“ имаше зголемена раздвиженост. Голем број граѓани и дел од јавните личности го посетија кампот и со потпис на петицијата, застанаа зад родителите во битката за исполнување на нивните барања.
Државата мора да обезбеди стручен кадар и соодветна терапија за лицата со попреченост, да се поништи старосната граница од 26 години за здравствено осигурување на лицата со посебни потреби и да се обезбеди соодветна грижа за децата по смртта на нивните родители – ова се барањата кои бараат што поскоро да бидат исполнети.