По доделувањето на мандатот на лидерот на опозицијата Зоран Заев од страна на претседателот Ѓорге Иванов, за формирање нова Влада, директорот на Македонската опера и балет и професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, Игор Дурловски на ФБ најави оставки на функциите.
– Лично сметам дека ќе придонесам со поднесување оставка од позицијата директор и поистоветување на Македонската опера и балет и сите Вас со моите лични дејства надвор од куќата и овозможување на надлежните институции брз избор на ново раководство , кое се надевам ќе донесе нова позитивна енергија и нови успеси на оваа куќа, напиша Дурловски на својот ФБ профил.
Како што наведува тој, 25 Мај ќе биде негов последен работен ден на функцијата директор на МОБ, а по завршувањето на испитната сесија ќе поднесе оставка и како професор на Факултетот за музичка уметност. Дурловски вели дека ова не е политички мотивиран , ниту пак став на Македонската опера и балет.
– Ова е исклучиво професионално и хумано обраќање како Ваш актуелен претпоставен во овие бурни општествени времиња во кои сум чувствувал лична и морална одговорност, како раководител на најголемата културна институција , да се борам за напредок не само на културната политика, туку и на онаа која може да влијае врз развојот на целокупната домашна уметност, стои во обраќањето на ФБ на Дурловски, до колегите од МОБ.
Игор Дурловски беше меѓу организаторите на протестите на движењето „ За заедничка Македонија “ и влезе во Собранието на 27 Април , кога се случија насилствата./ Телма