Турската Влада до Парламентот во Анкара достави предлог за усвојување на закон по итна постапка, со кој ќе и се овозможи на Армијата на Турција да испрати свои војници во Катар.

Со законот, покрај стационирањето на турски војници во база на катарска територија, се предвидува и соработка меѓу Турција и Катар во сферата на одбраната.
Ваквата одлука на Анкара во западните медиуми се оценува како поддршка на Турција за Катар, кој од пред два дена се најде под дипломатска и економска изолација од страна на повеќе арапски земји, кои ја обвинија Доха за поддршка на тероризмот и за финансирање на екстремни исламистички групи.
Катар од своја ги отфрла ваквите обвинувања и најави подготвеност за надминување на кризата преку дијалог.
На одлуката на арапските земји, предводени од Саудиска Арабија и Египет, реагираше турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, кој оцени дека изолацијата на Катар нема да ги реши проблемите и најави дека Анкара ќе стори се што е во нејзина можност да посредува во надминувањето на кризата.
Турција има добри односи со Катар, а двете земји го подржуваат движењето Муслиманско братство во Египет, како и сириските бунтовнички групи.
Катар е во разговори со Иран и Турција во напор да обезбеди доволно храна и вода. Се стравува дека поради кризата наскоро може да снема основни животни намирници.

Катар е една од најбогатите земји во светот, но увезува најголем дел од животните намирници. Со оглед на тоа што поради кризата и прекинот на дипломатските односи од страна на неколку арапски земји, отпаднаа двата најголеми трговски партнери – Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија, Катар почна да преговара со други земји за непречено снабдување со храна и вода. „Разговараме со Турција, Иран и други земји“, рече денеска неименуван официјален претставник за агенцијата Ројтерс. Официјална Доха нагласува дека во продавниците има доволно зрнести намирници за четири недели, а има и големи резерви на основни животни намирници.