Грчки „Актор“ обвинет за перење пари во Македонија

од Vladimir Zorba
110 прегледи

  Грчкото обвинителство покренало обвинение против грчката компанија Актор која во Македонија го гради автопатот Демикр Капија – Смоквица за проневера на 50 милиони евра. Од Јавното обвинителство во Македонија велат дека до нив стигнало известување од Европската канцеларија за борба против финансиски измами, кое потврдува дека постојат такви индиции против АКТОР, пренесува тв24.

 
„До овој момент има пристигнато само известување од Европската канцеларија за борба против финансиски измами (ОЛАФ) дека истрагата е завршена и дека постојат индиции за сторени кривични дела и резултатите од нивната истрага се доставени до надлежните органи на Република Грција, но истите не се доставени и до Република Македонија.“ – велат од обвинителството.
Во извештајот, ОЛАФ, заклучува дека имало нерегуларности во исплатата на одредени лица од 2012 до 2013, при што се отворил сомнеж дека тие пари не биле наменети за изведба на конкретниот проект.
„Одредени раководители на компанијата земале огромни плати во висина од 110.000 евра месечно, сума која е нереална за било која држава, особено за финансиските услови во Скопје.“– се наведува во извештајот на ОЛАФ.
Молк и од седиштето на АКТОР во Грција. Оттаму ја прекинаа телефонската линија уште пред да го слушнат нашето прашање.
За коментар не беа расположемни ниту во седиштето во Скопје.
Македонското претставништво на АКТОР се наоѓа на атрактивна локација во центарот на градот, меѓутоа нашата екипа денеска наиде на затворена врата. Иако беше среде работно време, никој од внатре не отвараше, откако неколкупати заѕвонивме. Вработените кои одговараа на службените броеви, одбија да не поврзат со ракводството со образложение дека се на состаноци.
Обвинението против актор, според владеачката СДСМ, е уште една причина за разрешување на државниот обвинител, Марко Зврлевски.Реагираше и опозицијата, но наместо да го коментира обвинението против компанијата која во тендерска постапка ја избра токму ВМРО- ДПМНЕ, оттаму  го обвинија  Заев дека нема капацитет за капитални инвестиции.
„Зоран Заев треба да каже до каде се 500-те нови автопати кои ќе ги гради во Република Македонија, наместо да се занимава со лаги и измислици. Лагите на Заев нема да го подигнат стандардот на граѓаните.“ – изјави Владо Мисајловски, ВМРО-ДПМНЕ.
Грчки Актор го доби тендерот за изградба на автопатот Демир Капија-Смоквица за сума од 270 милиони евра, иако нејзината понуда била за околу 40 милиони евра повисока од останатите понуди. Сомнежот за проневери го соопшти СДСМ уште пред три години, кога објави дека дури 95 лица, повеќето грчки државјани, од сметките на „Актор“ во рок од 10 месеци извлекле 3,5 милиони евра во кеш, преку 278 трансакции.
„Бидејќи се работи за угледот на Македонија пред европските институции за пари што ќе ги враќаат македонските граѓани, го повикуваме Груевски да одговори на поставените прашања и да ги објасни поставените сомнежи.“, изјави Петре Шилегов.
Обвинителството покрена и истрага, но веќе три години нема епилог. Еден месец откако беше отворена предкривична постапка, обвинителот Зврлевски изјави дека сомнежот бил на најниско ниво, по што сметките на АКТОР беа одмрзнати и таа продолжи со работа./Тв 24