Воената вежба на Криволак насловена како „Сајбер гардијан“, ќе ја извршат американските војници стационирани во воената база „Роузбаракс“ во градот Вилсек, Германија. Американскиот интернет-портал „Старс енд страјпс“, наведува дека од Германија на пат кон Македонија ќе се движи Вториот коњички полк во Европа, кој веќе спровел подготовки поврзани со патот на конвојот, долг 2.250 километри до нашата земја, односно до локацијата каде што ќе се одржи воената вежба „Сајбер гардијан“.
Порталот пишува дека за да се подготват за можните опасности од ваквото патување, кон Македонија војниците извеле голем спектар симулации на можни проблеми со кои би можеле да се соочат на долгото возење, вклучувајќи и што да прават доколку се случи сообраќајка со цивилно возило во странска земја, како да се справат со механички проблем или комуникациски пречки.
Инаку Вториот коњички полк на американската армија е познат во јавноста и под кодното име „Змејови“. Тој по својата стратегиска намена е дефиниран како нападен пешадиски полк на американските трупи во Европа. „Змејовите“ како воена единица на САД се формирани во почетокот од 19 век и оттогаш се активни во сите воени и мировни операции на американската војска надвор од матичната земја. Во согласност со формата на соработка и билатералните договори на САД и Македонија, Владата одлучи да дозволи мирољубив влез на вооружени сили од САД
Владата веќе соопшто дека оваа вежба е добар сигнал за аспирациите на Македонија за влез во НАТО.
– Владата одлучи да им дозволи мирољубив влез на вооружени сили од САД, за вежбовни активности на Криволак. Станува збор за прва ваква вежба во Македонија и можност нашата држава да покаже логистичка подготвеност за одржување и други вакви регионални вежби во иднина, што се оценува дека е добар сигнал и во рамките на НАТО-аспирациите на Македонија – се вели во соопштението на Владата по повод настанот.