Целиот северен дел на Балканскиот полуостров, Хрватска, Војводина, Србија беше зафатен од големо невреме во кое животот го загуби една жена кога врз нејзиниот автомобил паднало дрво.

Регионалните медиуми, особено синоќа известуваа за силно невреме во хрватските и српските градови, а се очекуава невремето да ја зафати и Босна и Херцеговина.
Невреме во Војводина
Силна бура го погоди Нови Сад во кој една жена настрада откако дрво паднало врз нејзиниот автомобил. На влезот во гадот уште едно дрво паднало врз автомобил, а пожарникари ги извлекле повредените од автомобилот.
Според локалните медиуми, пожарникарите го пресекле автомобилот во кој една жена починала. Загинала на лице место и лекарите само констатирале смрт.
Во автомобилот имало и 83 годишен маж кого го пренеле во болница во свесна состојба. Имал тешки повреди.
Невреме во Србија
Српските медиуми јавуваат за силно невреме што ја зафатило Србија, а почнало во Суботица и Палиќ, па облаците заминале накај Белград.
Метеоролозите тврдат дека се работи за летно невреме, кое е краткотрајно. Се очекува да трае само неколку часа на подрачјата кои ќе ги зафати.
Невреме во Хрватска
Големо невреме синоќа направи неред во делови од внатрешна Хрватска, а потоа се проширило и на поголем дел од Јадранот. Невремето по 22 часот го погодило островот Црес, а според хрватските медиуми центарот на градот е потопен.
Во Велика Горица паѓал град со големина на орев, а локалните портали пишуваат дека најлошо поминал Куриловац, каде настрадале многу бродови и пластеници.
Во Велика Горица силен ветар кршел гранки на дрвја и шатори по кафулињата.
Невремето траело 20 минути, а во Загреб и околината десетина минути.