Не поминаа барањата на опозицијата за Јавното обвинителство и за укинување на радиодифузната такса

од desk2
116 прегледи

Собранието не прифати на денешната седница да се расправа по барањата на опозицијата за Јавното обвинителство и за укинувањето на радиодифузната такса.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски на денешната собраниска седница побара точката за измени во Законот за јавно обвинителство да биде ставена како точка на дневен ред, бидејќи е по скратена постапка. Во спротивно најавија дека ќе го поднесат како предлог и во редовна процедура.

Предлогот на опозицијата да биде ставена на дневен ред точката за измени на Законот за јавно обвинителство е отфрлен. Гласаа 102 пратеници, од кои 60 гласа беа „против“, 41 гласа „за“, а еден од пратениците гласаше воздржано.

Антонијо Милошоски, Крсто Мукоски и уште неколкумина пратеници од ВМРО ДПМНЕ до Собранието поднесоа предлог закон за измена на Законот за аудио визуелни услуги, со кој што бараат итно укинување на радиодифузната такса.

„Ова е лицемерие, што не ја укинавте до пред еден месец, дури бевте 10 години на власт”, му дофрлуваа пратениците од владејачкиот СДСМ на Милошоски од место.
„Ова ви е итно, приоритетно предизборно ветување. Еве можност да ги исполните тие ветувања што не ги исполнивте, веднаш, по скратена постапка”, рече Милошоски.
Предлогот беше одбиен. Гласаа 103 пратеници, од кои 62 беа против, а 41 гласаа „за“.

Предлогот за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски од 30 точка на дневниот ред е поместена како 5 точка.

Точката за информацијата за депонијата во Струга на предлог на опозицијата е прифатена со 104 гласа „за“ и е ставена како последна – 36-та точка на дневен ред.