Груевски не одговори дали ќе се повлече од претседателската функција во ВМРО-ДПМНЕ, но најави дека партијата многу брзо ќе се врати на власт
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во интервју вечерва еден по еден ги елаборираше и објаснуваше сите случаи во кои е обвинет од Специјалното јавно обвинителство.Тврди дека не е виновен во ниту еден, туку дека се работи за политички прогон тврди претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, гостувајќи во „Отвореното студио“ на ТВ Нова.
„Планот е да не затрупаат со празни обвиненија, без докази. Да се внесе сомнеж кај народот дека ние навистина сме работеле криминално. Ние не сме работеле криминално и затоа обвиненијата СЈО ги поднесе последниот ден, зошто до последно се трудеа нешто да закрпат, да напишат, да најдат сведок кој лажно ќе сведочи, да го заплашат и да направат конструкција дека сме виновни, односно да им личиме на луѓето дека сме виновни“, изјави Груевски.
Тој рече дека кривичниот прогон го очекувал, зошто целта на СДСМ преку СЈО му била да го заслабне ВМРО-ДПМНЕ, а Груевски да го отстрани од партијата. Во целата хајка, според Груевски, стоеле и некои надворешни центри, но не сакаше да открие на кои мисли.
Според Груевски, СЈО има план да ги затрупа со куп обвиненија, со цел да се креира слика дека работеле криминално.
Образложувајќи ги случаите за кои е обвинет, Груевски рече дека според него сите обвинувања се без основа.
Во врска со уривањето на објектот „Космос“ на Фијат Цаноски, Груевски рече дека тој и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески немале ингеренции да наредат уривање на објект, туку тоа било направено од локалната власт бидејќи инвеститорот не ги почитувал законите.
Груевски негираше и дека зел провизии од кинеските компании за изградба на автопатиштата, а во врска со набавката на луксузниот мерцедес, посочи дека не се кае за тоа и дека државата треба да набави уште неколку вакви возила.
„Пропаганда е дека сум аздисал, возилото беше набавено за странски гости, а неформално се разговараше за јас или некој друг кога ќе оди надвор од Македонија да го користи за да не се случи некој да остане на сред автопат“, рече Груевски.
Тој демантираше и дека има скапи очила за сонце, туку дека спорните очила со кои бил снимен, а подоцна обвинет дека вредат 60 илјади евра, всушност, според Груевски, чинат меѓу 300 до 350 евра.
Груевски не одговори дали ќе се повлече од претседателската функција во ВМРО-ДПМНЕ, но најави дека партијата многу брзо ќе се врати на власт