Албанскиот премиер Еди Рама, кој учествуваше на Самитот на Американско-јадранската повелба во Подгорица, го нема на таканаречената фемили фотографија со Мајк Пенс.

Неговиот некогашен колега Сали Бериша тврди дека тоа се случило поради фактот што Рама дошол во бели патики.
Како што јавуваат албанските медиуми, посетата на Пенс на Балканот е несомнено еден од најважните настани во последно време.
Велат дека Пенс на Самитот ја нагласил улогата на Црна Гора и добробитта што Подгорица ќе ја има од влезот во НАТО, но Пенс со ни еден збор не ја спомнал улогата на Албанија во регионот.
„И не само тоа. Она што е впечатливо е фактот што Рама го нема на официјалната фотографија на балканските лидери со Пенс“, вели Бериша.

Тој на социјалните мрежи напиша дека причината за тоа е што Рама носел бели патики.
Инаку, Рама во последно време зачести со лежерниот стил на облекување на официјални настани, па така на вечерата со шефот на европската дипломатија Федерика Могерини се појави во тренерки, а на самитот на западнобалканската шестка во Трст дојде во адидас бели патики.