Трамп ќе именува богаташка за амбасадорка во Словенија

од desk2
103 прегледи

Американскиот претседател Доналд Трамп ќе ја именува богатата калифорниска претприемачка Кели Робертс за амбасадорка во Словенија, а на изборот најмногу влијаела неговата сопруга Меланија, која е по потекло Словенка.

Неколку американски медиуми пренесуваат дека на изборот на Трамп одлучувачка улога имала првата дама на САД, која сакала американската Амбасада во Словенија да ја води некој од бизнис секторот. Кели Робертс своето богатство го стекнала во хотелиерството, а нејзиниот сопруг Дуан Робертс е познат по продажба на замрзнатиот мексикански специјалитет „бурито“.

Како што се наведува, двајцата се донатори на Републиканската партија и официјално придонеле за минатогодишната предизборна кампања на Трамп. Доколку американскиот Конгрес го потврди изборот на американскиот претседател, Робертс би била првата жена на водечката дипломатска позиција во Љубљана и втор американски дипломат без кариера на тоа место.