Елмас: Ова ќе го паметам вечно, му асистирав на Пандев за гол и победа

од Vladimir Zorba
97 прегледи

  Измената која ја направи селекторот Игор Ангеловски на синоќешниот натпревар против Израел, давајќи му шанса на 17-годишниот Ељиф Елмас, се покажа како клучен момент за исходот на натпреварот кој Македонија го доби со 1:0.

Токму по неговата генијална асистенција, по која ветеранот Горан Пандев го постигна единствениот гол на мечот, само уште еднаш ги потврди квалитетите кои ги има овој млад фудбалер.

– Пресреќен сум со победата, ова е голем мотив за мене за понатаму. Асистирав на Пандев, тоа ќе ми остане секогаш во спомен, но верувам дека во иднина ќе следат нашите успеси! Нема да застанеме тука, затоа што Македонија има квалитет за многу повеќе, изјави Елиф Елмас.

Елмас летово направи трансфер во Фенербахче со што дополнително го сврте внимание на европската фудбалска јавност кон себе, а во блиска иднина од него се очекува да прерасне во лидер на сениорската репрезентација на Македонија.

– Овие три бода многу ни значат. Не чека натпревар со Албанија, се надевам дека ќе продолжиме да победуваме. Ми одговара шансата што ми ја дава селекторот, добро ме познава, ќе се трудам да ја искористам секоја можност што ќе ми биде укажана, изјави Елмас по натпреварот.