Мобилните телефони на насилниците клучни за истрагата за „Крвавиот четврток“ (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba
132 прегледи

Пред 27 април користел пет мобилни телефони, а по крвавите настани осомничен останал само со еден мобилен. Тој е само еден од многуте учесници кои со намера да сокријат докази ги фрлале или уништиле мобилните телефони, дознава ТВ 24 од извори од обвинителството за организиран криминал.

Во обид да докажат потешки кривични дела од учество во толпа, обвинителите трагаат по броеви и ја анализираат комуникацијата на 122 телефонски броеви. Потрагата по одговори одела потешко бидејќи претходно немало ПИ-мерки со што истражните органи тајно не ја следеле нивната телефонска комуникација.

Во обвинителството дополнително пристигнале и мобилните телефони на Игор Југ, кој беше уапсен пред два дена во центарот на Куманово.

Неколкуте телефони, лаптоп, хард диск и УСБ стик се запленети во станот каде што Југ се криел од полицијата, велат извори од истрагата. Дали меѓу запленетите предмети е пронајден и пиштол кој наводно го носел додека бил во Собранието, од МВР не откривааат.

Обвинителството сега го сомничи за неовластено користење оружје и затоа пред истекот на осумдневниот притвор, односно кон крајот на наредната недела, ќе бара ново продолжување, но овој пат од 30 дена, потврдуваат од од таму.

На неколку снимки од собраниската прес сала Игор Југ повремено ја држи раката под грб зад маицата, со што се отвора прашањето дали се обидува да посегне по пиштолот.

Тој беше посочен и од српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ дека бил на задача да го ликвидира Зоран Заев во Собранието. Но, на својот фејсбук Игор Југ профил категорично ги отфрли овие обвинувања и додаде дека доколку имал таква цел ќе го сторел тоа.