Американската скијачка и сноуборд федерација (USSA) следната недела ќе поднесе официјално барање до Меѓународната скијачка федерација (FIS) да и се овозможи на Линдзи Вон да се натпреварува во машка конкуренција во спуст во Светскиот куп следната година.

Ако барањето биде прифатено, Вон, која е најтрофејна скијачка во американската историја со 77 победи и 130 победнички подиуми, ќе се натпреварува последниот викенд во ноември 2018 година во Лејк Луис, едно канадско скијалиште во рамки на Светскиот куп каде Америка до сега запиша 14 од рекордните 39 победи во таа дисциплина, пишува The Guardian.
Не е прв пат Вон да изрази желба да се натпреварува со мажите, Пред пет години FIS одби слично барање наведувајќи дека има одлука за забрана за мешовити трки.
Директорот на женските трки летово изрази сомнеж велејќи дека е многу тешко да се организира таков предизвик. Смета дека ако на жените им се дозволи тоа, тогаш и на мажите ќе треба да им се дозволи да се тркаат на женски натпревари, а не сака да се оди во тој правец.
Вон, која во октомври ќе наполни 33 години, минатата година изјави дека би сакала да победи некои од момчињата и да каже збогум на трките.
„Знам дека нема да победам, но би сакала да имам прилика“, изјави Вон за Денвер пост на почетокот од годинава.
„Мислам дека остварив доста победи во Светскиот куп и дека треба да уживам доволно почит да ми се овозможи таа прилика“, додаде Вон.
Вон, која во моментот се подготвува за Зимските олимписки игри во Пјонгчанг, откако минатата година ја скрши раката, најави пензионирање по завршувањето на сезоната 2018/19.
Таа е една од шесте скијачки која оствари победа на Светскиот куп во сите пет дисциплини, спуст, супер – Џи, велеслалом, слалом и супер комбинација.