Најекспонираните личности од кралското семејство во Британија, Кејт, Вилијам и Хари, сакаат да вработат лице задолжено за комуникација, а палатата Кенсингтон објави попис на работни места за виш службеник за комуникации што ќе ги води социјалните мрежи за овие тројца.

Конкретно, улогата подразбира доставување дневни вести и ажурирање на медиумите како и комуникација со публиката по пат на традиционалните, дигиталните и социјалните мрежи.
Успешниот кандидат ќе ги води комуникациските планови и ќе договара ангажмани и прекуморски патувања, пишува во соопштението. Ќе биде задолжен и за пишување соопштенија за печат.
Одбраниот кандидат ќе работи стандардни 37,5 часа во неделата, но работата ќе бара занимавање со медиумите и надвор од работното време. Иако платата не е позната, порано оваа година за испразнетото место за одржување на кралската веб страница беше понудена плата од 40.000 фунти годишно.
Пријавените кандидати ќе мора да имаат богато искуство во комуникација, маркетинг или медиуми, со соодветен степен на образование. Способност за донесување одлуки, интегритет и правилна проценка при донесувањето на одлуките се важни за работата, како и способноста во секој момент кандидатот одговорно да располага со осетливи информации.