Писателката Ана Грахам Хантер го обвини актерот Дастин Хофман за сексуално вознемирување нарекувајќи го предатор. Според нејзините тврдења, вознемирувањето се случило во 1985 година, кога работела на сетот за филмот „Death of a Salesman“. Хантер тогаш имала 17 години.

„Првиот ден на сетот бараше да му ги масирам стапалата. Го направив тоа. Беше отворено кокетен, ме фаќаше за задникот, ми зборуваше за секс. Едно утро отидов во неговата гардероба за да ми каже што сака за појадок. Ми упати неколку непримерни зборови по што се изнасмеа, а јас отидов во бањата и плачев“, напша Хантер во колумна за The Hollywood Reporter.
Хантер за неговото однесување снимила и аудиодневник.
„Додека во една прилика одев со Дастин до неговата лимузина, четири пати ме фати за задникот. Секојпат силно го удирав и му реков дека е валкан старец. Беше предатор, а јас бев дете и тоа беше сексуално вознемирување“, напиша Хантер.
По колумната се огласи и актерот.
„Имам најголемо почитување кон жените и се чувствувам ужасно доколку некои од моите постапки довеле до незгодна ситуација. Жал ми е, но тоа не ја одразува мојата личност“, вели Хофман.
Тој е трета голема ѕвезда која во последно време е обвинета за сексуално злоставување, по Кевин Спејси и продуцентот Харви Вајнштајн.