Пратениците во Собранието денеска треба да одлучат дали ќе го прифатат предлогот на Владата да се укине титулата Национален уметник, која беше воведена во 2011 година, за време на владеењето на екс премиерот Никола Груевски.

Причината поради која сегашната власт на Зоран Заев бара повеќе да не се доделува признанието е дека чини многу пари и дека ги доведува во нерамноправна положба останатите уметници.
Овој Закон беше донесен во 2011 година, а образложението беше: „На уметниците кои дале особен придонес за препознавање и признавање на културниот идентитет и интегритет на Република Македонија, да им се оддаде признание за нивниот придонес во културата, преку доделување на титулата национален уметник на Република Македонија, како највисоко признание од областа на културата“.
Според Законот кој ќе се укинува, секој добитник на оваа титула од моментот на доделување, до крајот на животот од државниот Буџет добива по две просечни плати и има право на државен трошок да му биде изработена монографија за неговиот живот.
Досега оваа титула ја добија пијанистот Симон Трпчевски, режисерот Милчо Манчевски, пејачката Есма Реџепова, оперските певци Борис Трајанов и Ана Дурловски и поетот Никола Маџиров. Петтемина, освен Реџепова која почина минатата година, и натаму ќе продолжат да добиваат по околу 46.000 денари (740 евра) месечно од државниот Буџет. Но, повеќе нема да се доделува титулата.
„Во моментов за пет национални уметници, доделувањето на титулата национален уметник на Република Македонија на годишно ниво предизвикува фискални импликации во Буџетот на Република Македонија во износ од 4.000.000 денари (65.000 евра)“, пишува во предлогот од Владата до Собранието.
Титулата Национален уметник ја доделуваше Претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов, секоја година на 8- ми септември – Денот на независноста на Македонија, на предлог на министерот за култура, а по претходно мислење на комисија.
Според Владата, која бара да се укине титулата Национален уметник, овој Закон создава нерамноправен третман меѓу уметниците, и смета дека постојат и други механизми на стимулирање на творештвото, како што се државните награди, стекнување на право на месечен надоместок по остварување на право на пензија, стимулативни мерки преку откупи на дела и други тековни форми на стимулирање на творештвото од национален интерес.