Новинарски здруженија во Србија незадоволни од судската одлука за нападот врз нивни колеги

од Vladimir Zorba
63 прегледи

 

  Новинарските здруженија во Србија, како и повеќе невладини организации, оценија денеска дека одлуката на Јавното обвинителство во Белград за отфрлање на кривичната пријава за напад врз новинарите за време на инаугурацијата на Александар Вучиќ е „срамна и неприфатлива“, додавајќи дека со неа се „легализира насилното спречување на новинарите да ја вршат својата работа.”

Независното здружение на новинарите на Србија (НУНС) и Здружението на независни новинари на Војводина (НДНВ) оценија дека одлуката на обвинителството е срамна и преставува доказ дека српскиот судски систем не работи согласно законот и правдата, туку само во интерес на Владата и владејачките партии.

Овие здруженија оценија дека образложението на одлуката е „посебен цинизам и фрлање магла на повеќе од очевидните факти, кои и српските граѓани имаа можност да ги видат во медиумите на фотографиите кои прикажуваат насилство од страна на активистите на СНС врз новинарите“, за време на свечената заклетва на претседателот пред Собранието на Србија на 31 мај 2017.

НУНС И НДНВ наведуваат дека по оваа одлука ќе го разгледаат своето учество во постојаната работна група за безбедноста на новинарите, во која се наоѓаат претставници на Републичкото јавно обвинителство, Министерството за внатрешни работи и на новинарските и медиумските здруженија, бидејќи сериозно се доведува во прашање смисолот на нејзиното постоење поради катастрофалните резултати на надлежните државни органи во врска со заштитата и безбедноста на новинарите.

На одлуката на Обвинителството реагираше и Здружението на новинари на Србија (УНС), кое смета дека одлуката е „неприфатлива“ и дека со неа се „легализира насилното спречување на новинарите да ја вршат својата работа“.

– Фактот дека на полицијата и е наложено против учесниците да поднесе прекршочни пријави, потврдува дека се работи за нарушување на јавниот ред и мир. Но, обвинителството не објаснува зошто очевидното насилство над новинарите не се квалификува како кривично дело, туку како можен прекршок, се вели во соопштението на УНС.

УНС изрази загриженост во врска со фактот дека „поднесувањето прекршочни пријави против учесниците на собирот“ може да значи и поднесување пријави против новинари кои беа жртви на насилство.

– Укажуваме на фактот дека Обвинителството нападот врз новинарката на ТВ Пинк го квалификувало како насилство врз основа на видео снимки, а дека во случајот на насилното отстранување на новинарите од јавни настани, за кои постои фотографска документација, Обвинителството верува дека немало насилство, се додава во соопштението.

Реагираа и неколку невладини здруженија и движења. Во сопштението на Иницијативата-Не го давиме Белград се вели дека „новинарите на редакциите кои одговорно и објективно работат се под секојдневни притисоци. Манипулацијата, економската уцена, ускратување на финансирањето преку медиумските конкурси, пропратени се со следење и директните закани, снимање и притисокот од институциите, за кои сведочиме и денес. Со ист ваков третман изложени се сите оние кои не сакаат да молчат, не ја вртат главата и не се откажуваат од поставувањето прашања“.